Фиксен девизен курс и ниска и стабилна инфлација во рамки на таа во еврозоната, заштита на интересите на граѓаните и стопанството, најавува новиот гувернер на Народна банка, Трајко Славески, во видеоинтервју за МИА.
– Фиксниот девизен курс, кој добро ѝ служеше на Република Македонија, ќе остане и во наредниот период, да се надеваме на влез на Република Македонија во догледно време во Европската Унија и подготовка за воведување на еврото со овој фиксен режим на девизен курс. Единствено што треба да се трудиме, што е и законска цел на НБРМ, во соработка со фискалната власт, односно, со Министерството за финансии, е да обезбедиме ниска инфлација, односно стабилност на цените. Инфлацијата да биде во рамките на онаа во еврозоната, затоа што само така ќе одржуваме и конкурентност на нашата економија. Доколку како во изминатите неколку години имаме инфлација или стапка на инфлација двојно повисока од таа во еврозоната, тоа не е пожелна состојба. Мислам дека е императив, тоа, колку што имам информации е и цврста одлука, став на Владата, дека само ниска и стабилна инфлација која нуди предвидливост и за граѓаните и за бизнисот може да биде основа и поддршка на развојните политики во иднина и ќе обезбеди стабилен посакуван раст на македонската економија и на среден и на долг рок – вели Славески.
Порачува граѓаните да бидат спокојни бидејќи, како што истакува, нивните заштеди се сигурни, а вели и дека Народната банка ќе обезбеди предвидливост за деловните субјекти за да можат да ги планираат своите операции и развојни планови.