Светската економија се движи кон една од најслабите години во последните две децении, предупредуваат Обединетите нации во најновиот извештај за глобалните економски перспективи. Според анализите на Организацијата, ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, растот на цените на енергенсите и нарушувањето во глобалните синџири на снабдување дополнително ја продлабочуваат економската неизвесност, а Европа се вбројува меѓу најпогодените региони.

ОН ја ревидираа надолу прогнозата за глобалниот економски раст за 2026 година – од претходно проектираните 2,7 на 2,5 проценти. Во случај на дополнително влошување на геополитичките тензии, светскиот БДП би можел да забави и на само 2,1 %, што би претставувало една од најниските стапки на раст во овој век, со исклучок на периодот на пандемијата и финансиската криза од 2008 година.

Директорот за економска анализа во Одделот за економски и социјални прашања на ОН, Шантану Мукерџи, посочи дека светската економија сè уште не е во рецесија, но предупреди дека милијарди луѓе би можеле да се соочат со дополнително влошување на животниот стандард и намалување на економската активност во одделни држави.

Според извештајот, глобалната инфлација годинава ќе достигне 3,9 %, што е значително зголемување во однос на претходните прогнози. Главен двигател на инфлаторните притисоци се зголемените цени на нафтата и на енергенсите, поттикнати од конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, како и блокадата на Хормускиот Проток, еден од најважните транспортни коридори за нафта и за природен гас.

Економистите предупредуваат дека поскапувањето на енергијата директно се прелева врз индустриското производство, транспортот и цените на увозните производи, што особено ги погодува земјите во развој. Во овие економии, инфлацијата би можела да се искачи на 5,2 %, со сериозни последици врз куповната моќ на населението.

Европа, според ОН, е особено ранлива поради големата зависност од увозна енергија. Се очекува економскиот раст во Европската Унија да забави од 1,5 на 1,1 процент, додека британската економија би можела да оствари раст од само 0,7 %.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и централните банки во светот предупредуваат дека инфлацијата може дополнително да се интензивира до крајот на годината, особено доколку продолжи воениот конфликт во Иран. Најновите податоци на „Евростат“ покажуваат дека Турција (32,4 %), Романија (9,5 %), Бугарија (6 %) и Хрватска (5,4 %) се земјите со највисока априлска годишна инфлација. Растот на цените на стоките и на услугите во овие држави придонесе европскиот просек на инфлација да достигне 3,2 %.

Во март, инфлацијата во ЕУ изнесувала 2,8 %, а во февруари 2,1 %, што укажува на забрзување на растот на цените во последните месеци. Европските економски аналитичари оценуваат дека последиците од војната во Иран, особено преку поскапувањето на нафтата и на гасот, директно се прелеваат врз европските економии и дополнително ги зголемуваат трошоците за живот.

Во Македонија, стапката на инфлација во март изнесуваше 5,7 %. Србија, Црна Гора и Ирска имаат годишна инфлација од 3,6 %, мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP).

Високиот економист на ОН, Инго Петерле, оценува дека клучно прашање за глобалната економија остануваат времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток и неговото влијание врз енергетските пазари.

– Сите заштитни механизми што ги имаат државите се ограничени. Колку подолго трае кризата толку поголеми ќе бидат последиците врз светската економија – предупреди Петерле.

 

ИЗДВОЕНИ