По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на биодиверзитетот, во Зоолошката градина во Скопје денеска беше потпишан меморандум за соработка меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и зоолошките градини од Скопје и од Битола, со цел нивна модернизација и усогласување со европските стандарди.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, изјави дека потпишувањето на меморандумот претставува доказ за градење силни партнерства и посочи дека Владата има јасна цел: трансформација на зоолошките градини во современи европски центри.
Според него, овие институции треба да станат центри што ќе се фокусираат на благосостојбата на животните, заштитата на дивиот свет и едукацијата на младите. Хоџа нагласи дека преку механизмот БИОФОН ќе се обезбедат стабилни финансиски средства за поддршка на заштитените подрачја, екосистемите и проектите на зоолошките градини.
– Овие чекори се инвестиција во иднината, а свеста за природата се гради уште од најрана возраст. Младите се идни чувари на природното богатство – истакна Хоџа.
Тој додаде дека земјава располага со богато и ендемично природно наследство, кое претставува и гордост и обврска, а неговата заштита е можна само преку заедничка работа на институциите, научната јавност и граѓаните.
В.д. директорката на Зоолошка градина Скопје, Катерина Костова, порача дека годинашното мото „Делување локално, за глобално влијание“ потсетува дека големите промени почнуваат од локалната заедница и од секој поединец.
Таа истакна дека зоолошките градини денес не се само места за изложување животни туку и центри за едукација, научна работа и заштита на биодиверзитетот.
– Нашата визија е Зоолошката градина да продолжи да се развива како современ едукативен центар, со подобрени живеалишта и услови за животните и да биде гордост на градот – рече Костова.
Во рамките на настанот беше организирана изложба на едукативни цртежи изработени од учениците од основните училишта, како и едукативна прошетка низ Зоолошката градина, каде што децата имаа можност поблиску да се запознаваат со ендемичните видови од Македонија и да слушнат интересни факти за нивната заштита и животните навики.
Децата имаа можност да ја следат забавната активност на детскиот аниматор Кико Магико.












