Заборавете на преполните плажи и најпознатите одморалишта – ново туристичко истражување ги открива островите што ќе ја одбележат сезоната на одмори во 2026 година. Меѓу дестинациите што бележат најголем раст на интересот се три европски бисери.
Сè повеќе туристи се откажуваат од најпосетуваните европски одморалишта и избираат помалку познати острови што нудат мир, автентична атмосфера и недопрена природа.
Според најновото истражување на туристичката платформа Expedia, ваквите дестинации се меѓу најбараните во текот на 2026 година.
Пребарувањата за одмори на острови се зголемија во просек за 55 проценти во споредба со претходната година, додека интересот на социјалните мрежи е поголем за околу 20 проценти. Expedia затоа состави листа на десетте острови што бележат најголем раст на популарноста.
На врвот на листата е карипскиот остров Света Луција, но дури три европски острови се најдоа меѓу петте најпосакувани дестинации за следната година.
Второто место го зазеде Порто Санто, мал португалски остров во архипелагот Мадеира. До него може да се стигне со краток лет или ферибот од Фуншал, и иако Мадеира е популарна кај туристите со години, Порто Санто останува многу потивка дестинација. Интересот за овој остров се зголеми за дури 85 проценти. Познат е по својата песочна плажа долга девет километри, кристално чисто море и опуштена атмосфера, идеални за оние кои сакаат одмор подалеку од гужвите.
Посетителите можат да ги посетат песочните дини на Порто Санта, природните базени на Порто дас Салемас и да уживаат во локални специјалитети како што се сабјарка со банана и маракуја или традиционалниот коктел „пончо“.
Сирос (Грција) – автентична Грција без гужви
Грчкиот остров Сирос, станува сè попопуларна алтернатива на Санторини и Миконос. Пребарувањата за овој остров се зголемија за 60 проценти, а туристите се привлечени од неговата помирна атмосфера, автентична грчка култура и одлична гастрономија.
Главниот град Ермуполи е познат по својата венецијанска архитектура, живописни плоштади и крајбрежни шеталишта, додека средновековното село Ано Сирос и плажите Галисас и Кини нудат идеална комбинација од историја и релаксација.
Острови Лофотен (Норвешка) – рај за љубителите на природата
Петтото место го зазедоа Островите Лофотен во северна Норвешка, познати по своите спектакуларни планински врвови, фјордови и рибарски села. Интересот за оваа дестинација се зголеми за 50 проценти, првенствено кај љубителите на активен одмор и недопрена природа.
Во текот на летото, посетителите можат да уживаат во феноменот на полноќното сонце, додека од есен до пролет постои можност да се набљудуваат северните светла. Пешачење, кајакарење и посета на живописни села како што се Реин и Хенингсвер се само дел од понудите на овој архипелаг.
Зошто островите се сè попопуларен избор?
Експертите на Expedia велат дека патниците денес сè повеќе бараат дестинации кои нудат повеќе мир, помалку гужви и поавтентично искуство. Помалите острови често нудат подобра вредност за парите, особено надвор од главната туристичка сезона, кога и сместувањето и авионските билети се значително поевтини.
Листата на Expedia на најпосакуваните острови за 2026 година:
Света Луција (Кариби)
Порто Санто (Португалија)
Праслин (Сејшели)
Сирос (Грција)
Лофотенски Острови (Норвешка)
Палаван (Филипини)
Кулебра (Порторико)
Санибел (Флорида, САД)
Фу Куок (Виетнам)
Фиџи












