понеделник, август 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Критично е во Европа: Сушата ги празни реките, транспортот и енергетиката под...

Критично е во Европа: Сушата ги празни реките, транспортот и енергетиката под силен притисок

Рекордно ниските нивоа на Рајна и Дунав го нарушуваат речниот транспорт и производството на електрична енергија, а експертите предупредуваат дека Европа ќе се соочува со сè почести вакви кризи.

0
screenshot Nova S

Европските реки, кои се меѓу најважните транспортни правци за индустријата, достигнуваат рекордно ниски нивоа поради серијата топлотни бранови и продолжената суша што го зафатија континентот. Нивото на водата во Рајна и Дунав значително опадна, што го отежнува превозот на хемикалии, нафтени производи, суровини и друга стока, а компаниите се принудени да користат поскапи алтернативни начини на транспорт.

Особено критична е состојбата на Рајна, каде што кај Кауб – една од најважните точки за речна пловидба кон јужна Германија и Швајцарија – водостојот се приближува до најниските вредности забележани од почетокот на мерењата. Ваквите услови потсетуваат на големата суша од 2018 година, кога дел од индустријата беше принуден да го намали производството поради проблемите со снабдувањето.

Покрај транспортот, сушата сериозно го погодува и енергетскиот сектор. Ниските нивоа на водата и високите температури ја ограничуваат работата на нуклеарните електрани во Франција, Унгарија и Романија, бидејќи нема доволно вода за ладење на реакторите. Унгарија привремено ја затвори својата единствена нуклеарна централа, со што остана без околу 40 проценти од домашниот капацитет за производство на електрична енергија и беше принудена да го зголеми увозот. Во Романија се разгледува можноста за дополнителни ограничувања во производството, додека Франција веќе го намали производството во дел од своите нуклеарни постројки за да се избегне дополнително загревање на реките.

Последиците од сушата се чувствуваат и во другите делови на Европа. Најдолгата италијанска река По бележи историски ниски нивоа, што го загрозува наводнувањето на земјоделските површини и овозможува навлегување на солена морска вода во делтата. Во Унгарија, пак, поради зголемената потрошувачка и недостигот од вода, дел од населението остана без вода за пиење, а властите повикаа на штедење на водата и електричната енергија.

Според научниците, ваквите екстремни услови се последица на комбинацијата од недостиг на врнежи и сè повисоки температури. Сувата почва ја впива и малата количина дожд што паѓа, па водата не стигнува до реките, додека намаленото топење на снегот и глечерите во Алпите дополнително го намалува нивниот доток.

Експертите предупредуваат дека економските последици ќе бидат сè поголеми бидејќи растечките транспортни и енергетски трошоци ја намалуваат конкурентноста на европската индустрија. Воедно, прогнозите не најавуваат брзо подобрување, бидејќи во наредниот период се очекуваат нови топлотни бранови и температури над просекот. Научниците предупредуваат дека без значително намалување на употребата на фосилните горива, ваквите суши и екстремни горештини ќе стануваат сè почести и поразорни за европската економија и животната средина.

 

ИЗДВОЕНИ