АД ЕСМ, државната компанија што управува со скопските топлани кои работат на природен гас, уверува дека има обезбедено количество за тековната грејна сезона, која формално завршува на 15 април, со можност за продолжување до 30 април ако дневната температура остане под 12 Целзиусови степени.

Во одговор на прашање на весникот ВЕЧЕР дали снабдувањето со гас е загрозено поради порастот на цените и случувањата на Блискиот Исток, од АД ЕСМ истакнуваат дека не очекуваат проблеми во испораката на природниот гас за производство на топлинска енергија до крајот на грејната сезона. Компанијата нагласи дека гасот е навремено обезбеден за критичниот период март – април, со што се гарантира континуитет во снабдувањето на потрошувачите до самиот крај на грејната сезона

– Процесот на набавка е реализиран согласно со предвидените планови, овозможувајќи сигурно и континуирано производството и испорака на топлинска енергија – наведуваат од ЕСМ.

Компанијата останува фокусирана на оптимизација на производството на електрична и на топлинска енергија со максимално искористување на сопствените ресурси и ќе продолжи будно да ја следи состојбата со цел навремена реакција и зачувување на енергетската сигурност на државата.

Порастот на цените на гасот, предизвикан од глобалните геополитички случувања, ги потсетува индустријата и потрошувачите на чувствителноста на енергетските пазари кон конфликтите кои можат да го нарушат снабдувањето и да влијаат на инфлацијата и на трошоците за греење и електрична енергија.

Цените на природниот гас на европските берзи бележат значителен пораст во услови на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, што ги загрижи инвеститорите и пазарите на енергенти ширум светот. Индикаторите покажуваат дека природниот гас во Европа, во последните денови, пораснал од околу 58 евра за мегават-час, достигнувајќи највисоки нивоа од почетокот на 2023 година поради ограничувањата во снабдувањето и стравот од нарушување на транспортните маршрути низ Ормутскиот Теснец.

Експертите ја поврзуваат оваа турбуленција со конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, што доведе до прекини во производството на течен природен гас (LNG) во големи центри како Катар, како и до прекин на превозот низ клучни морски маршрути, што ги намалува глобалните резерви и ги притиска цените нагоре.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ