Европската перспектива на Македонија е повторно централна тема кај политичарите. По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека веќе нема отстапки за влез во Европската Унија и дека сме подготвени да ја платиме цената, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара распишување референдум на кој граѓаните директно би се изјасниле дали се подготвени да ја плаќаат „цената“ на политиките на премиерот во однос на евроинтеграциите. Опозицијата обвинува за изолација, економски пад и за блокирање на европскиот пат поради партиски интереси, додека од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека зад бугарските барања не стојат само уставните измени, туку и обиди за редефинирање на македонскиот идентитет, јазик и историја. Во екот на меѓусебните обвинувања во земјава, бугарскиот премиер Румен Радев, пак, отпатува на средби со водечките европски и НАТО-лидери во Париз и Брисел, дополнително отворајќи го прашањето каква ќе биде следната фаза од односите меѓу Скопје и Софија и Европската Унија
ЕВРОПСКАТА ИДНИНА НА МАКЕДОНИЈА ПОД ПОЛИТИЧКИ КОНФЛИКТ И ДИПЛОМАТСКИ ПРИТИСОК
Внатрешните политички судири околу европската иднина на државата ја одржуваат жива дилемата – дали Македонија се оддалечува од Европската Унија или се обидува да постави нови црвени линии во преговорите со Брисел и Софија. Размената на остри пораки меѓу власта и опозицијата, обвинувањата за загрозување на националните интереси и повиците за референдум, дополнително ја продлабочуваат политичката поларизација, во момент кога европските интеграции остануваат едно од најчувствителните прашања во јавноста, а актуелниот премиер и поранешен претседател на Бугарија, Румен Радев, познат по своите цврсти ставови во однос на Македонија, е во дипломатска офанзива во срцето на Европа, на средби со високи европски претставници.
Филипче повика на референдум
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера побара граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат да ја плаќаат цената за, како што рече, криминалните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ, кои ја држат државата надвор од ЕУ.
– Го слушнавме Христијан Мицкоски, рече: „Веќе нема отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената“. Се поставуваат две прашања: кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме досега. Сè што кажа, всушност, било една голема лага. Ќе го враќал името, ќе го поништувал Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму. И таа лажна кампања постепено почна да се разобличува изминатиот период и веќе граѓаните знаат – ништо од тоа не е вистина. Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа дека со договорот се потврдени идентитетот и јазикот. Го слушнавме Тимчо Муцунски како кажа дека со влезот во НАТО е загарантирана безбедноста и се подобрува бизнис-климата во државата. За жал, тие не го знаат тоа и не можат да го искористат, истакна Филипче.
Филипче порача дека цената од изолацијата нема да ја плаќаат функционерите на ВМРО-ОКГ, туку граѓаните и младите генерации и предупреди дека власта повторно ги манипулира граѓаните со лаги за Европа и идентитетот. Лидерот на СДСМ порача дека иднината на државата не смее да биде заложник на погрешните политики на власта и побара граѓаните директно да се изјаснат.
– Ова веќе не е политичко прашање. Ова е прашање за сите нас, за секој граѓанин, за нашите семејства, едноставно, прашање за нашата иднина. Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Затоа граѓаните се единствени кои можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои живеат во државата, рече Филипче на прес-конференцијата.
Од друга страна, од владејачката партија цврсто стојат на ставот дека уставните измени не се последниот услов, туку Бугарија има пошироки барања кон Македонија, кои Филипче е спремен да ги поддржи. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, упати сериозни обвинувања на сметка на лидерот на СДСМ. Тој тврди дека Филипче свесно премолчува пред пошироките барања на официјална Софија, кои директно удираат по македонскиот идентитет. Уставните измени воопшто не се последниот услов од Бугарија, туку зад нив се крие план за целосно бришење на македонската историја, рече партискиот портпарол.
– Премиерот на Бугарија, Румен Радев, излегува во јавноста и вели дека македонските револуционери, како Гоце Делчев и Јане Сандански се Бугари, дејци, како браќата Миладиновци, исто така вели дека се Бугари, како и основоположниците на словенската писменост Кирил и Методиј. Климент и Наум Охридски дека се дел од бугарската историја, а осуда од специјалниот бугарски пратеник во Македонија, Венко Филипче, нема. Радев вели дека македонскиот јазик и идентитет постојат од 1945 година, а Филипче не осудува. Од авион се гледа дека Бугарија има пошироки барања кои директно навлегуваат во прашањата за македонскиот идентитет, историја и културно наследство, а не само за внесување на неколку илјади Бугари во Уставот. ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто на ставот дека македонските национални интереси не смеат да бидат предмет на политички договори и трговија за власт, истакна Манасиевски.
Радев од Париз: Ми требаше една година да ги убедам европските лидери за Бугари во Уставот
Додека власта и опозицијата во земјава разменуваат обвинувања и не успеваат да постигнат поширок политички консензус околу стратешките интереси и националните прашања, официјална Софија влегува во засилена дипломатска офанзива на европската сцена. Во услови кога македонските евроинтеграции се повторно заглавени во политички и идентитетски спор, Бугарија се обидува дополнително да ги зацврсти своите позиции преку директни средби со клучните европски и НАТО-лидери. Посетите на бугарскиот премиер Румен Радев на Париз и Брисел доаѓаат во чувствителен момент за регионот и отвораат нови прашања за тоа какви пораки ќе бидат испратени до Скопје од европските центри на моќ.
Пред средбата со францускиот претседател, Емануел Макрон, во Париз, бугарскиот премиер порача дека Европа мора да ја преиспита својата досегашна политика кон војната во Украина и да преземе поактивна улога во мировните преговори со Русија. Радев оцени дека дипломатијата треба повторно да стане клучен инструмент за решавање на конфликтот, додавајќи дека приоритет за бугарската влада остануваат безбедноста и животниот стандард на бугарските граѓани пред носење одлуки за дополнителна финансиска помош за Украина. Тој се осврна и на енергетската политика, нагласувајќи дека нуклеарната енергија треба да биде признаена како зелена и стратешки важна за Европа, при што ја потенцираше и соработката меѓу Бугарија и Франција во областа на нуклеарната енергетика и железничката инфраструктура.

Во однос на прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, Радев изјави дека тоа прашање го поставил уште во 2021 година.
– Ми требаше една година да ги убедам европските лидери зошто треба да се случи тоа. Му оддавам признание на претседателот Макрон, кој прв ја согледа оправданоста на оваа идеја и со заеднички напори таа беше вклучена во преговарачката рамка во јули 2022 година. Верувам дека на денешната средба ќе обезбедиме поддршка од Франција, за да се спроведува овој консензус во целост, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на Радев.
Деновиве, Радев престојува во официјална посета на Париз и Брисел, каде што на агендата има средби со повеќе европски лидери. Во Париз, Радев во Елисејската палата се среќава со францускиот претседател Емануел Макрон, со кого е најавено дека ќе разговара за прашања поврзани со билатералната соработка меѓу двете земји, како и за актуелни теми од европската агенда.
По посетата на Франција, беше најавено дека Радев ќе патува за Брисел, каде што има средба со белгискиот премиер Барт де Вевер, а утре бугарскиот премиер се среќава и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На агендата се и разговори со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. (В. С. Н.)












