Граѓаните во Македонија кои поседуваат возачка дозвола од „Б“ категорија од денеска можат да управуваат и мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“, со зафатнина до 125 кубни сантиметри и моќност до 11 киловати, откако стапија во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Измените беа предложени од пратеничката група на Движење ЗНАМ со поддршка од парламентарното мнозинство, а Собранието ги усвои на 8 април.
Во меѓувреме беа завршени и административните процедури за правилникот подготвен од Министерство за внатрешни работи, чие објавување во Службен весник овозможи законските измени официјално да стапат во сила.
Пратеникот Павле Арсоски тогаш објасни дека правото за управување вакви мотоцикли ќе го имаат возачи кои имаат најмалку 23 години, поседуваат најмалку пет години важечка „Б“ категорија и имаат потврда за завршена четиричасовна теоретска обука.
– Како законодавци имавме предвид дека ваквите решенија ќе го поттикнат користењето на помали и поекономични моторни возила, ќе го намалат сообраќајниот метеж во урбаните средини и во голема мера ќе ја подобрат мобилноста на граѓаните. Всушност, користењето на мотоцикли во сообраќајот, освен тоа што во голема мера ќе го олеснат протокот во сообраќајот, претставуваат една од поевтините варијанти за алтернативен градски превоз. Тоа значи дека овозможуваат поголема флексибилност и практичност, особено во урбаните средини каде што сообраќајниот метеж е изразен. Мотоциклите од категоријата „А1“ се практично и економично превозно средство кое зафаќа помал простор и на патиштата и при паркирање – рече Арсоски.
Исто така, потенцира тој, мотоцикли имаат голем придонес во заштитата на животната средина поради минималното испуштање издувни гасови. И она што е најважно, нивото на безбедност се задржува преку дополнителна обука или временски услов за поседување на возачка дозвола.
Слична пракса веќе постои во повеќе европски држави, меѓу кои Шпанија, Грција, Португалија, Франција, Австрија, Белгија, Словенија и Полска.












