Екстремно високите температури и натаму продолжуваат, а со тоа не се намалува и опасноста од појавата на пожари. Борбата на пожарникарите со нив не стивнува.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов информираше дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 30 пожари низ земјава.
Најголем дел од пожарите биле локализирани или ставени под контрола со ангажман на локалните противпожарни единици, тимови на ДЗС, ер-трактори и полициски хеликоптер, објави 4news.mk
Во меѓувреме, пожарот што со денови ја зафаќаше планината Китка е ставен под целосна контрола. Ангелов истакна дека последната поголема интервенција се одвивала во текот на ноќта, кога еден од главните краци на пожарот бил пресечен на асфалтираниот пат кон селото Палиград. И вториот крак на пожарот, кој се движел од спротивната страна, е ставен под контрола. Во моментов има само чадење во еден дол, кој е целосно опколен со пожарна линија.
Очекувањата се дека пожарот на Китка во текот на денот ќе биде целосно изгаснат. Сепак, Ангелов предупредува дека опасноста не е завршена и дека постои ризик од ново палење во близина на веќе погоденото подрачје.
Тој упати апел до жителите на селата во подножјето на Китка, на територијата на Општина Студеничани, да пријават доколку забележат сомнителни лица со канти на кои има траги или мирис на бензин или друг запалив материјал. Случаите може да се пријават во полиција, противпожарните единици или на телефонскиот број 112.
Во текот на денот се активирале и два нови поголеми пожари. Едниот е над селото Копаница во Општина Сарај, на планината Жеден, при што огнената линија се движи во правец кон Тетово.
Ангелов посочи дека во истиот регион пред неколку дена бил изгаснат пожар, а за новиот постои сомневање дека е намерно предизвикан и наведе дека полицијата работи на утврдување на причините и евентуално откривање на сторителите.
-Силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето, а пожарот брзо се движи кон сртот на планината. Поради тоа се активирани ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување. Станува збор за пожарна линија долга неколку километри. Засега огнот не зафаќа густа шума, туку претежно сува трева, грмушки, трње и друга ниска вегетација. Сепак, сувите услови и ветерот создаваат сериозна опасност од негово дополнително ширење – рече Ангелов.
Вториот голем пожар е регистриран во Тетовско, во близина на православните гробишта. Поради силниот ветер, огнот брзо се движел во правец на Шар Планина.
-На терен се тетовските пожарникари, а во гаснењето е вклучен и полициски хеликоптер, кој обезбедува воздушна поддршка со цел пожарот што поскоро да биде ставен под контрола – изјави Ангелов.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека денеска до 13 часот биле регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, три се под контрола, а пет се целосно изгаснати.
Активни се пожарите во општините Студеничани и Зелениково, каде огнот зафаќа мешана шума на потегот од Моране, преку Вртекица и Рамни Габер, до кракот кон Палиград, како и над Вражале и Тисовица. Потоа, во селото Копаница – Општина Сарај, каде гори мешана шума, пожарот кај селото Ливада –Општина Струга, каде горат ниска вегетација и стрниште, како и над селото Нежилово – Општина Чашка, каде гори ниска вегетација и смреки. Активен е и пожарот кај православните гробишта во Тетово, каде се зафатени ниска вегетација и шума.
Под контрола се пожарите во селото Трново – Општина Гостивар, со ширење кон Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, потоа пожарот на депонијата во Делчево и пожарот кај селото Куклиш во Струмица, исто така на депонија.
Изгаснати се пожарите кај селото Франгово – Општина Струга, во кај селото Тајмиште – Општина Кичево, на депонијата во Кутретино – Општина Демир Хисар, меѓу Неготино и Кавадарци и кај селото Стрмница – Општина Брвеница.
Од ЦУК нагласуваат дека продолжуваат да ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни и навремено да пријавуваат пожари на отворен простор.












