Одредени јавни институции во Албанија добија пријави за поставени бомби. На е-поштата на неколку институции пристигна заканувачка порака во име на Исламската држава.
Во е-пошта со заканувачка и терористичка содржина, која стигнала до адресите на неколку институции низ Албанија, се тврди дека во овие институции е поставена бомба, јавува РТС.
Е-поштата што ја примил Топ ченел, од адреса за која се сомнева дека е фалсификувана и потекнува од универзитет во Аргентина, содржи закана дека „неверниците ќе бидат растргнати на парчиња, а потоа убиени“.
„Здраво, ова е Исламска држава. Со волјата на Алах, поставивме бомба во вашата зграда. Ќе експлодира за два часа. Потоа вие неверници ќе бидете растргнати на парчиња. Потоа ќе ве убиеме“, се вели во е-поштата објавена од албанскиот телевизиски канал Топ ченел.
Бројни полициски сили интервенираа во неколку градови. Антитерористичките единици ги евакуираа зградите на Специјалното тело за борба против организираниот криминал и корупцијата (СПАК) и Високото обвинителство, кои исто така ја примија оваа порака.
Управата за истраги на сајбер криминал, во соработка со Управата за борба против тероризам и други агенции за спроведување на законот, започна истраги за да го идентификува авторот и да ја пронајде е-поштата од која биле испратени заканите, соопшти полицијата.












