понеделник, август 10, 2026
Дома СКОПСКА Скопје на прв поглед – наместо добредојде, ѓубре на сите страни!

Скопје на прв поглед – наместо добредојде, ѓубре на сите страни!

1

Меѓуградската автобуска станица го дава првиот впечаток за изгледот на градот и за тоа што може да очекуваат посетителите штом ќе се симнат од автобус, но и од воз, бидејќи веднаш тука е и Железничката станица.

Таков е и примерот со нашата метропола, во која, за жал, првиот впечаток кај оние што доаѓаат е нехигиената.

На социјалните мрежи кружи видео објавено од граѓанин, од кое може да се види како изгледа околината на нашата Меѓуградска автобуска станица.  Расфрлани  пластични шишиња, картонски кутии и секакво ѓубре, а неговиот коментар по споделеното видео гласи: „Во околина на Меѓуградската автобуска Скопје. Гаден народ, уште погадна држава“. На неговиот коментар се надоврзува друг, во кој се наведува и друг простор како пример каде што не се одржува хигиената, а луѓето си дозволуваат, без никаква совест, да фрлаат секаков отпад. „Кај црквата во центар, помеѓу Домот на АРМ. Не си видела такво нешто. Оставени партали скапани“, пишува друг. Трет, пак, се прашува: „Не знам дали растев во друга Македонија и мнозинството луѓе што се грижеа за секаков вид хигиена се иселија/заминаа на оној свет или сум била несвесна за тоа каков народ, всушност, живеел и живее таму“.

Од ова може да се заклучи каков првичен впечаток остава главниот град на Македонија кај посетителите, странските туристи, но и кај оние од другите градови што се решиле да го посетат.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ