| Денот на независноста ќе се слави со низа културни настани, кулминацијата со спектакл |
Владата наголемо се спрема со низа настани да го одбележи големиот јубилеј 35 години од независноста, а кулминацијата ќе биде на 8 Септември со Дејвид Гета, кој ќе настапи во Арената „Тодор Проески“. Портпаролката Марија Митева на прес-конференцијата, заедно со „Авалон продукција“, најави дека прославата ќе биде национална културна манифестација од највисок ранг, со амбиција да остави трајна вредност и силна трага во културната историја на Македонија.
– Оваа година одбележуваме 35 години независност од македонската држава. Јубилеј кој претставува историска точка што нè обврзува со достоинство, визија, но и со одговорност да ја раскажеме приказната за државата низ културата, уметноста и современиот национален израз, рече Митева, која додаде дека целта е одбележувањето да има и државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост.
– Да создадеме концепт кој ќе ја претстави Македонија како држава што знае достоинствено да го одбележи сопствениот пат, но и да ја покаже сопствената културна самодоверба пред домашна и меѓународна јавност. Особено е важно што нема да биде концентриран само на едно место или само со еден настан, туку ќе биде децентрализација и вклученост, тоа е идејата на самиот проект. Културата да стигне до сите граѓани, во повеќе градови, преку повеќе форми и различни уметнички изрази. Предвидуваме програмска структура која е поделена во неколку сегменти. Во периодот од јули до септември се предвидени повеќе настани, но ќе ми дозволите за тоа дополнително, заедно со „Авалон продукција“, да ги најавиме етапно настаните. Денес сме овде да го најавиме централниот, големиот настан за 8 Септември – истакна вчера Митева, а Бобан Милошевски официјално објави дека станува збор за настап на Дејвид Гета.
– Влезот во арената „Тодор Проески“ ќе биде бесплатен со регистрација за симболична цена од 35 денари по човек, број кој директно асоцира на годинашниот државен јубилеј, со цел запазување на капацитетот на стадионот; секој корисник ќе биде ограничен на максимум две влезници, а дозволена ќе биде и регистрација од останатите држави, земајќи предвид дека настан од овој калибар привлекува огромно внимание од целиот регион и привлекува публика, гости и посетители од околните земји и има сериозен импакт врз туризмот, угостителството и целокупната промоција на градот и државата како дестинација за големи светски музички и културни случувања. Дополнителни информации околу процедурата за регистрација официјално ќе бидат објавени денеска од страна на продукцијата – информираа од Авалон.












