сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЈАВНА РАСПРАВА ЗА НАЈАВЕНИТЕ ПРОМЕНИ ВО ИЗВРШУВАЊЕТО НА САНКЦИИТЕ: Новиот закон за...

ЈАВНА РАСПРАВА ЗА НАЈАВЕНИТЕ ПРОМЕНИ ВО ИЗВРШУВАЊЕТО НА САНКЦИИТЕ: Новиот закон за пробација носи поефикасен систем и посилна заштита на жртвите

Во новата правна рамка се вградуваат високи стандарди за човекови права, преку заштита од тортура и нечовечко постапување, недискриминација, заштита на личните податоци и доследна примена на презумпцијата на невиност – нагласи министерот

41

Новото законско решение претставува значаен чекор кон воспоставување современ, поефикасен и поправеден систем за извршување на санкциите и примена на пробациските мерки, изјави вчера македонскиот министер за правда, Игор Филков. На денешната јавна расправа одржана во просториите на МАНУ, тој зборуваше за новите правни решенија содржани во предлогот на законот за пробациската служба, со кој се унапредува организациската поставеност на системот за извршување на санкции.

– Со ова законско решение воспоставуваме јасен и модерен пробациски систем кој носи три клучни резултати: поефикасно извршување на мерките во заедницата, посилна ресоцијализација на лицата опфатени со санкции и повисоко ниво на заштита на жртвите – рече министерот Филков на јавната расправа каде што учествуваа и директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, и претседателот на Здружението за кривично право и криминологија, Александра Груевска-Дракулевски.

Со предложениот закон, Управата за извршување санкции добива проширена координациска и надзорна улога, додека Секторот за пробација се позиционира како централен носител на стручните процеси. Се воспоставува единствен електронски регистар за лицата опфатени со пробациски мерки, што ќе овозможи континуирано следење и подобра институционална координација.

Законот воведува процена на ризик во текот на кривичната постапка, по барање на суд или на јавен обвинител, со што се зајакнува стручната основа за носење одлуки и се унапредува примената на алтернативни мерки.

– Во новата правна рамка се вградуваат високи стандарди за човекови права, преку заштита од тортура и нечовечко постапување, недискриминација, заштита на личните податоци и доследна примена на презумпцијата на невиност – нагласи министерот.

Во рамките на законот се воведува и родово сензитивна терминологија, како и проширени основи за еднаков третман, со што дополнително се зајакнуваат принципите на еднаквост и правичност. Посебен акцент е ставен на индивидуалната програма за третман, која ќе претставува основа за персонализиран пристап кон секое лице опфатено со пробациски мерки, со јасно дефинирани цели, активности и времетраење на надзорот.

Новите законски решенија предвидуваат и унапредување на работата на пробациските службеници преку подобри алатки за теренска работа и електронско следење, како и засилена координација со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции. Со законот, мерката куќен затвор добива појасна структура преку примена на електронски надзор и јасно дефинирани процедури за постапување во различни ситуации, вклучително и итни медицински случаи.

Во делот на условниот отпуст, се воспоставува заеднички систем за процена меѓу казнено-поправните установи и пробациската служба, со цел подобра поврзаност меѓу институционалниот третман и ресоцијализацијата во заедницата. Првпат, законот содржи и посебна глава посветена на жртвите на кривични дела, со конкретни обврски за пробациските служби во насока на нивна заштита, спречување на повторна виктимизација и навремено информирање, особено во случаи на семејно и родово базирано насилство.

– Системот станува поорганизиран, поодговорен и подобро поврзан меѓу институциите. Се поставуваат јасни правила, прецизни надлежности и мерливи процедури за постапување. Резултатот е поголема безбедност за граѓаните, помал ризик од повторување на кривични дела и поефикасна правда што делува во заедницата – рече Филков.

ИЗДВОЕНИ