„Ова е значајно признание за македонската кинематографија. Агенцијата, во 2022, гордо застана зад проектот со 24 милиони денари поддршка. Веруваме во потенцијалот на Дина Дума, која го покажа својот успех и талент со претходниот филм „Сестри“, кој беше прв македонски филм на Нетфликс“, посочи директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, на вчерашната прес-конференција, на која беше најавена светската премиера на филмот „Скејбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на филмскиот фестивал „Трибека“, што ќе се случи на 4 јуни
Македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, ќе има светска премиера и вкупно четири проекции на филмскиот фестивал „Трибека“, што ќе се одржува од 3 до 14 јуни во Њујорк, а ќе биде прикажан како дел од една од главните и најреномирани натпреварувачки селекции на фестивалот на 4 јуни. Македонската публика, пак, ќе има можност премиерно да го види во септември. Како што посочи директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, фестивалот е од А-класа и е еден од најбитните во Северна Америка.
„Ова е значајно признание за македонската кинематографија. Ние сме доста доминантни како кинематографија во Европа, меѓутоа, еве, по успехот на „Медена земја“ (Honeyland), сега и со „Скејтбордингот не е за девојчиња“, покажуваме интерес и можност за афирмација на македонската култура и во Америка. Инаку, фестивалот е основан во 2002 година, од страна на Роберт де Ниро. Агенцијата, во 2022 година, гордо застана зад проектот со 24 милиони денари поддршка (околу 400.000 евра). Веруваме во потенцијалот на Дина Дума, која го покажа својот успех и талент со претходниот филм „Сестри“, кој беше прв македонски филм на Нетфликс“, посочи Мицевски на денешната прес-конференција.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“.
„Учеството на филмскиот фестивал „Трибека“ е големо признание и потврда за искреноста и за автентичноста на филмот. Како продукција, продолжуваме да создаваме филмови кои храбро ги отвораат општествените и родовите прашања и ја носат реалноста без компромис“, истакнува продуцентката Лабина Митевска.
Режисерката Дина Дума, пак, посочи дека ова е филм кој прикажува три генерации жени од ромската заедница, кои се заглавени меѓу традицијата и современоста. Целиот филм се гледа преку очите на главниот лик Адела, која има 12 години, и целата приказна се одвива низ нејзина перспектива. Нејзината постара сестра набрзо треба да се мажи и таа преку скејтбординг изразува бунт и на тој начин се обидува да избега од реалноста. Дума додаде дека речиси 90 проценти од филмот е снимен во Шуто Оризари, каде што поминале долго време, а биле потребни околу шест месеци да се пронајдат актери за ликовите, особено за двете сестри.
„Она што сакам да го истакнам е дека во Шутка навистина има огромен талент. Сите што се пријавија на кастингот беа извонредно талентирани, со извонреден потенцијал. Мислам дека тој потенцијал не е доволно искористен и дека треба многу да бидеме свесни за тоа и да работиме на тоа како општество, кажа Дума, која посочи дека главната инспирација за филмот било девојче кое го видела на кејот како вози скејтборд, а кое изгледало многу зрело.

Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноaром, а продуцент е Лабина Митевска.
Санела Емин, пак, една од ретките професионални актерки во ова остварување посочи дека она што е интересно во филмот е што нема дискриминација и во самата постапка и во текот на работењето.
– Можеби повеќе од 90 проценти се Роми, од главни ликови до статисти. Дина Дума добро ги препознала луѓето, и како што кажа, таму има ведар народ. Во филмот на Дина Дума се покажува образованието, традицијата, културата, различностите на традицијата… дури и обичната публика може да распознава и да го види тоа што е добро, посочи Емин.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска, и фондовите „Еуримаж“ и „Медиа“. (Д. Т.)












