„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума е најдобриот игран филм, според жирито на сениорите и кадетите на 14. Младински филмски фестивал „Џифони Македонија“, што беше затворен синоќа. Вториот долгометражен филм на Дума ги освои срцата на средношколците што годинава учествуваа на „Џифони Македонија“.
За јуниорите, односно учесниците од шесто до деветто одделение, кои работеа во Кинотеката, најдобар игран филм е „Шефот и слаткото девојче“ во режија на Андреа Порпорати. За јуниорите најдобар краток филм беше „Мило“ во режија на Даниеле Фабиети, додека за сениорите – The Mole, во режија на Марко Санторо. Најдобар анимиран краток филм е Cinema Rialto од Кипар, во режија на Антони Петроу.
Најдобар краток ученички филм за основнци е филмот „1863: Американска крв“ (1863: American Blood Director) на режисерот Лео Кан. Најдобари кратки ученички филмови за средношколци е „Не биди тивок – пријави малтретирање“ (Don’t Be Silent – Report harassment) на режисерката Фросина Захда и „Reaching Seventeen“ на режисерката Марија Ковалева од Ерменија.
Најактивни џифонци годинава, според жиријата се: Леко Бардароски, Сара Драгниќ и Калина Ивановска. Тие се само дел од среќните што ќе учествуваат на „Џифони експериенс“ в година.
Синоќа во киното „Фросина“ џифонци покажаа што се сработиле во изминатите пет дена додека траеше фестивалот. Кратки играни и документарни филмови, дел од мјузикл, цртежи и сл. „Џифони Македонија“ и годинава беше оаза за младите креативци и зона во која царува слободата и креативноста.












