Исланд, Турција, Русија, Белорусија, Ерменија и Грузија се некои од земјите кои се откажаа од сезонското поместување на часовникот, а и во поголемиот дел од Азија, на Блискиот Исток и во Јужна Америка времето исто така не се менува двапати годишно.
Исланд во текот на целата година користи исто време, без преоѓање меѓу летно и зимско сметање на времето. Турција во 2016 година престана да го менува часовникот и од тогаш користи постојано време, а Русија, Белорусија, Ерменија и Грузија исто така ги укинаа сезонските промени. Во Европската Унија прашањето за укинување на поместувањето на часовникот се разгледуваше со години.
Европската комисија во 2018 година спроведе јавни консултации во кои учествуваа околу 4,6 милиони луѓе, а околу 84 отсто од испитаниците го поддржаа укинувањето на сезонското поместување на времето. Комисијата потоа предложи укинување на промената на часовникот од 2019 година, со можност секоја земја да избере дали трајно ќе користи летно или зимско сметање на времето.
Сепак, земјите членки не успеаја да постигнат договор за тоа кое време би било постојано, па предлогот не беше спроведен. Земјите од ЕУ и понатаму на пролет преминуваат на летно, а на есен на зимско сметање на времето.
Во Азија сезонско поместување на времето не применуваат Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Виетнам, Индонезија, Малезија и Сингапур. Кина го укина летното сметање на времето во 1991 година. На Блискиот Исток часовникот во текот на годината не го менуваат Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин.
Иран го укина сезонското поместување во 2022 година, а од 2023 година повеќе не го менува времето меѓу лето и зима. Во Јужна Америка сезонско сметање на времето не применуваат Бразил, Аргентина, Колумбија, Перу и Еквадор. Бразил го укина летното сметање на времето во 2019 година. Во Австралија правилата зависат од државата.
Нов Јужен Велс, Викторија, Јужна Австралија, Тасманија и Територијата на австралискиот главен град преминуваат на летно сметање на времето, додека Квинсленд, Западна Австралија и Северната Територија не го менуваат часовникот, пренесе порталот „Маарив“.
Меѓу причините за укинување на сезонското поместување на времето се наведуваат поедноставното функционирање на секојдневниот живот, избегнувањето проблеми во компјутерските системи, транспортот и работењето, како и фактот дека во земјите блиску до екваторот должината на денот во текот на годината не варира значително.












