
Дваесет и две лица, меѓу кои масони, поранешни француски разузнавачи, активни и поранешни полицајци, лекари и инженери, ќе се појават пред суд во Франција. Тие се товарат за убиство, обид за убиство, тешки напади и злосторничко здружување, при што седуммина од нив се соочуваат со можност за доживотен затвор.
Според истрагата, лидери на групата се Жан-Лук Багур, Фредерик Ваглио и Даниел Болје, членови на ложата „Атанор“, која дејствувала во предградието Путо. Случајот е отворен по неуспешен обид за нарачано убиство во 2020 година, кога биле уапсени вооружени лица во близина на домот на бизнис-советничката Мари-Елен Дини. Осомничените тогаш тврделе дека верувале дека дејствуваат во интерес на државата. Меѓу случаите што се разгледуваат е и убиството на возач на тркачки автомобили, како и напади поврзани со индустриската шпионажа и финансиски измами.
Обвинителството наведува дека станува збор за организирана криминална мрежа што дејствувала под закрила на масонската структура, со јасна хиерархија и распределба на улогите.











