Шведскиот репрезентативец Матијас Карлсон ќе го пропушти Европското првенство во пинг-понг поради бизарна повреда на прстот. Искусниот 35-годишник се повредил додека го местел креветот, а начинот на кој дошло до незгодата звучи речиси неверојатно.

Карлсон, кој порано настапуваше под презимето Фалк, го заглавил прстот меѓу душекот и потпирачот за глава додека ставал еластичен чаршаф. Кога го повлекол чаршафот нагоре, му се свиткал прстот во погрешна насока, по што заработил повреда поради која нема да може да настапи на ЕП.

  • Знам дека звучи малку комично, но тоа е вистината – изјави Карлсон за „Експресен“.

Шведскиот пинг-понг ас призна дека дури и самиот не може целосно да објасни како дошло до повредата.

  • Тешко е да се објасни. Дури и јас не знам што се случи точно – додаде тој.

Тој беше светски вицешампион во 2019 година, а неговото отсуство претставува сериозен удар за шведската репрезентација.

Наместо да ја заработи повредата на тренинг или на натпревар, тој мораше да го откаже настапот на големиот турнир по бизарна домашна незгода.

Европското првенство почнува на 11 октомври, во Словенија, но Шведска ќе мора да настапи без едно од своите познати имиња.

ИЗДВОЕНИ