сабота, јуни 6, 2026
Дома СВЕТ Ситуацијата на Блискиот Исток сè пожешка: Трамп ги вклучува Курдите во војната, а...

Ситуацијата на Блискиот Исток сè пожешка: Трамп ги вклучува Курдите во војната, а Шпанија и Франција му го свртеа грбот

292
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH
Иран одбива преговори и со одмаздничките напади врз бази на САД, сè подлабоко ги вовлекува заливските земји во војната. Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, вели дека Израел и САД го контролираат речиси целиот воздушен простор на Иран и дека супериорноста ќе биде демонстрирана во наредните денови. Тој додава дека конфликтот со Иран нема да заврши за еден ден или една недела. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во Иран е сè уништено

Петти ден од војната во Израел, а нема никаква надеж дека може да заврши. Напротив, САД и Израел продолжуваат со нападите, а Иран со одмаздничките напади врз бази на САД, сè подлабоко ги вовлекува заливскитe земји во војната. Според аналитичарите од Блискиот Исток, овие ирански воздушни напади врз пристаништа, градови и нафтени постројки во регион клучен за светското производство на енергија, би можеле да ги привлечат земјите од Персискиот Залив во широка коалиција предводена од САД и да ја прошират војната.

Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, во средата изјави дека Израел и САД го контролираат речиси целиот воздушен простор на Иран и дека супериорноста ќе биде демонстрирана во наредните денови. Тој додава дека конфликтот со Иран нема да заврши за еден ден или една недела.

–Знаевме дека нема да биде лесна војна. Свесни сме за можностите на иранскиот режим. Тие инвестираа милијарди долари во терористичка инфраструктура и знаевме дека ова ќе биде сериозна операција. Но, нема да трае вечно. Имаме супериорност. Денес имаме контрола врз речиси целиот воздушен простор на Иран и сигурен сум дека ќе можеме да ја демонстрираме оваа супериорност во следните неколку дена, рече Данон, пренесе „Ројтерс“.

На прашањето колку долго би можеле да траат иранските ракетни напади врз соседните земји, Данон рече дека нападите на САД и Израел врз Иран од саботата успеале да ги ослабат неговите можности.

– Ќе им биде потешко да лансираат ракети. Тие се подготвија за оваа операција, така што нема да биде преку ноќ, но мислам дека ќе оди постепено, рече тој, истакнувајќи дека Иран криел лансери под земја и во пештери.

Данон, исто така, посочи дека либанската влада треба да дејствува сега против милитантите на Хезболах кои го напаѓаат Израел од Либан, со цел да се спречи понатамошна ескалација.

Командантот на Централната команда на САД соопшти дека американската војска уништила 17 ирански бродови, вклучувајќи и подморница, и извршила напади врз речиси 2.000 цели во Иран, а американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека во Иран е сè уништено. Тој сега ги вклучува и Курдите, кои пред неколку години беа оставени од САД на цедило во Сирија. Светските агенции јавуваат дека САД и Израел последниве месеци тајно подготвуваат терен за вооружено востание во западен Иран, потпирајќи се на курдските борбени сили. Наводно, оружјето е шверцувано во регионот уште од минатата година, а илјадници курдски доброволци завршиле обука и се подготвени за копнена операција, која би можела да почне во наредните денови.

Во вторникот, Велика Британија испрати свој воен брод на Медитеранот, кон Кипар, додека Шпанија одби да се приклучи, по што Трамп ѝ се закани со високи царини. Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека нападите на САД и Израел врз Иран што почнаа во саботата, при што беше убиен врховниот лидер на земјата, биле спроведени „надвор од меѓународното право“ и Париз „не може да ги одобри“, пишува „Политико“ во изданието од средата.

Според американски извори, Ормутскиот Теснец, низ кој поминува една петтина од светската нафта, кој пред неколку дена Иран го затвори, сега е слободен.

– Денес нема ниту еден ирански брод во транзит во Арапскиот Залив, Ормутскиот Теснец или Оманскиот Залив, изјави командантот на Централната команда на САД, Бред Купер, во видео објавено на „Икс нетворк“, во средата изутрина.

Државната иранска телевизија пренесе изјава на Мохамед Мокбер, висок помошник на поранешниот врховен лидер, Али Хамнеи, дека Иран нема намера да преговара со САД, зашто нема доверба во нив  и може да продолжи да се бори низ Блискиот Исток онолку долго колку што е потребно. Иран е сконцентриран на напади на локации на ЦИА. Напади се извршени во Ирак и во Саудиска Арабија, но не се забележани жртви.

По најавата дека Курдите би можеле да се вклучат во војната на страната на САД, Иран го зголемува бројот на војници на револуционерната гарда по должината на границата со Ирак, со што како да најавува отворање нов фронт.

 

ИЗДВОЕНИ