| Американскиот претседател како „главен продавач на обувки“ |
Американскиот претседател, Доналд Трамп, ѝ е верен на една марка чевли до тој степен што не може да се насити од купување, пишуваат американските медиуми. Тоа се елегантни класични чевли со врвки во Оксфорд стил, од марката „флорсхајм“, кои се продаваат на попуст, по релативно пристапна цена од 145 долари. Мокасини од таа марка носеше и кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон, а Трамп наводно необјасниво е толку опседнат со чевлите од таа марка што неодамна наводно им наметнал и на вработените во Белата куќа да ги носат. Едноставно, тој има навика да ги купува овие чевли и да им ги подарува на вработените, со ентузијазам на патувачки продавач. Затоа тие станаа симбол на припадност кон неговиот круг, што понекогаш наликува на еден вид култ чие владеење може да се сведе на едно нешто: подобро е да не го навредите, пишуваат американските медиуми.
„Сите момци ги имаат“, изјави една помошничка во Белата куќа за „Волстрит џурнал“ неделава. „Смешно е, бидејќи сите се плашат да не ги носат“, се пошегува друг извор, кој го нарекува Трамп „главен продавач на чевли“.
Како што пренесе „Гардијан“, еден член на кабинетот наводно приватно се пожалил дека претседателскиот подарок го принудил да ги повлече од употреба своите омилени чевли „луј витон“. Се чини дека малкумина се подготвени да ризикуваат да го навредат шефот, оставајќи ги флорсхајм-чевлите неносени.
Трамп, кој сега има 79 години, наводно минатата година почнал да бара нешто поудобно за носење во долгите работни денови. Како што пишува „Гардијан“, откако се одлучил за „флорсхајм“, почнал да нарачува и парови за други. Според Белата куќа, тој лично ги плаќа чевлите што ги подарува. Претседателот дури развил и трик: погодување на големините на чевлите на луѓето. Откако ќе го погоди бројот, тој му наредува на помошникот да направи нарачка. Една недела подоцна, пристигнува кафена кутија во Белата куќа, понекогаш со потпис или со кратка посвета од Трамп, објави „Волстрит џурнал“.
Интересно е тоа што фирмата „Веико груп“, основана во 1892 година во Чикаго, која ја поседува марката „флорсхајм“, ја тужеше администрацијата на Трамп за прашање подеднакво блиско до неговото срце како и чевлите – царините. Компанијата „Веико“ произведува во странство, па побара од Американскиот суд за меѓународна трговија во декември да ги прогласи мерките за „нелегални“, како и да и се вратат 16 милиони долари со камата за царините што веќе ги платила. Врховниот суд ги поништи царините на Трамп во февруари, а тогаш извршниот директор на „Веико“, Томас Флорсхајм, го поздрави потегот како „важен чекор напред“.
Тој беше особено гласен во своето противење на оваа мерка.
– Идејата зад царините првично беше пробизнис и се чини дека некако пробизнис-делот од ова е загубен – изјави тој за „Спектрум њуз“, тврдејќи дека во еден момент плаќал повеќе царини отколку што требало за да произведува чевли, „што од гледна точка на деловното планирање, е речиси невозможно“.
Не е јасно дали бил свесен претседателот за тужбата додека им ги наметнувал обувките на компанијата на своите вработени, наведува „Дејли бист“. Трамп наводно чува еден куп од своите ценети Оксфорд чевли подготвени за употреба.
Високи функционери за кои се знае дека ги носат чевлите се: потпретседателот Џ.Д. Венс; државниот секретар, Марко Рубио; министерот за транспорт, Шон Дафи; министерот за одбрана, Пит Хегсет; директорот за комуникации, Стивен Чунг; заменик-шефот на кабинетот, Џејмс Блер, писателот на говори, Рос Вортингтон и сенаторот Линдзи Греам. Се смета дека и ТВ-презентерот на „Фокс њуз“, Шон Ханити, исто така, добил на подарок еден пар.
Содржината на оваа приказна за лојалноста на соработниците на Трамп што носат исти чевли како неговите на свој начин ја потврдува една фотографија направена во јануари, на Економскиот форум во Давос. На неа се гледаат Стив Виткоф, преговарачот и пријател на Трамп; тогашниот министер за енергетика, Крис Рајт; министерот за трговија, Хауард Латник; министерот за финансии, Скот Бесант; државниот секретар, Марко Рубио, и самиот претседател во исти црни чевли. Медиумите коментираат дека некои од нив се мултимилионери, па, веројатно, не се среќни што носат толку евтини обувки.












