– Сакам да им се заблагодарам и на сите претходници во македонската книжевност со кои искрено се занимавам со децении наназад. Претходници кои сакам да ги ревалоризираме, да останат незаборавени и да останат трајно впишани во нашата национална книжевност. Сакав нивните зборови да се тркалаат како џамлии во нашите реченици од другите генерации. Сакав и постојано ќе продолжам така да мислам, дека нашите книжевни писма, всушност, треба да ги прпелкаме во книжевните писма на нашите претходници како во некој шеќер во прав, рече добитничката на „Роман на годината“ за 2025, писателката и книжевна критичарка, Оливера Ќорвезироска, која за наградата ѝ се заблагодари на Фондацијата „Славко Јаневски“, но најпрво на романот „Две Марии“ на Славко Јаневски, затоа што, како што рече, од него тргнале нејзините „Три Марии“
Романот „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска во издание на „Арс Либрис“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2025 година која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности, „Славко Јаневски“.
– „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни од кои е составен романот има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни започнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева, преку потрагата по стан на Марија Зара, до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска Солев. Потоа, преку ретроспектива, сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот. Централниот интерес во сите три приказни е љубовта – возвратена, невозвратена, нагло прекината, но во сите случаи љубов што ги надминува општествените норми, кои сепак, на крајот надвиснуваат и го оневозможуваат остварувањето на љубовта, посочуваат во образложението членовите на жири-комисијата, во состав Калина Малеска (писателка и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“), кои победничкиот роман го избрале со мнозинство гласови.
Истакнуваат и дека, во романот, овој конфликт меѓу емотивната сила на протагонистките и традиционалните норми чии носители се другите ликови во нивното опкружување ја гради динамиката на сложените меѓучовечки односи.
– Ќорвезироска умешно успева да избегне морални осуди, и наспроти тоа, се впушта во пресек на комплексните мотиви на трите Марии, стегите што тие ги чувствуваат, нивниот страв, чувството на вина, гневот, самодеструктивноста и интензивните емоции. „Трите Марии“ е роман што внесува бескомпромисно искрено претставување на психолошките состојби на главните ликови, кои се соочуваат со вистината и тогаш кога е болно таа да се прифати, избегнувајќи самозалажување или идеализирање“ – се додава во образложението на жирито.
Лауреатката на наградата „Роман на годината“, писателката и книжевна критичарка, Ќорвезироска, на денешната прес-конференција одржана во ДПМ, се заблагодари за наградата на Фондацијата „Славко Јаневски“, но најпрво на романот „Две Марии“ на Славко Јаневски затоа што, како што рече, од него тргнале нејзините „Три Марии“.

– Сакам да им се заблагодарам и на сите претходници во македонската книжевност со кои искрено се занимавам со децении наназад. Претходници кои сакам да ги ревалоризираме, да останат незаборавени и да останат трајно впишани во нашата национална книжевност. Сакав нивните зборови да се тркалаат како џамлии во нашите реченици од другите генерации. Сакав и постојано ќе продолжам така да мислам, дека нашите книжевни писма, всушност, треба да ги прпелкаме во книжевните писма на нашите претходници како во некој шеќер во прав, истакна Ќорвезироска.
Додаде дека добивањето на наградата ја доживува како некое возвраќање точно и на претходниците во име на Славко Јаневски и од современиците во име на почитуваните автори кои беа членови на жири-комисијата.
– Така сакам да се доживувам, дека ми возвраќаат за сета грижа и почит и внимание што им го укажувам на едните и на другите низ децении. Не можам да знам како би било и дали нешто би се променило доколку наградава ја добиев порано, можеби на 35, на 40, на 50 години. Не знам дали тоа ќе значело дека ќе напишев повеќе книги отколку што напишав, или можеби помалку книги отколку што напишав. Исто така, не знам дали би пишувала подобро или полошо ако ја добиев оваа награда порано, рече Ќорвезироска, додавајќи дека била присутна и на доделувањето на првата награда „Роман на годината“ во 1999 година, но, како што рече, мислела дека тоа е нешто што секогаш ќе може да им се случува на другите, а не нејзе.
На младите писатели кои допрва почнуваат да се занимаваат со оваа работа, им порача да стават акцент на читањето.
– И тој акцент да го чуваат трајно – значи на читањето, не на пишувањето. Затоа што ако сакаме да раскажеме нешта и прикаски што не се случиле никогаш, а тие да бидат поубедливи и повистински од тие што можеби некогаш ќе се случат, тоа можеме да го направиме исклучиво и со нечитање, а не, пак, со читање… Читањето е нешто што мора да биде основа на нашата работа, истакна лауреатката.

Инаку, романот „Три Марии“ претходно ги доби и наградите „Стале Попов“ за најдобро прозно дело на Друштвото на писателите на Македонија и Рациновото признание, двете за 2025. При добивањето на наградата „Стале Попов“, минатиот месец, исто така во ДПМ, таа изјави дека „длабоко верува во континуитетот на националната книжевност“.
– Мојата раскажувачка поетика, уште од почетокот, од младоста, беше дека ништо не почнува со нас, дека секоја книжевност, секоја генерација продолжува таму каде што запреле претходниците, рече тогаш Ќорвезироска.
Родена во 1965, во Куманово, таа е авторка на: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“(романи за деца); „Дедо Миле“(сликовница), „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни). Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на повеќе јазици. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН–центар. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, и двапати и на „Стале Попов“ на ДПМ. Живее во Скопје, каде што работи како уредник.
Да потсетиме, годинава за наградата „Роман на годината“ која се доделува по 27. пат, во конкуренција беа 46 романи, а во финалето, покрај „Три Марии“ на Ќорвезироска, влегоа и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или-или“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).
Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Нејзин генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а поддржана е и од Министерството за култура и туризам. Свеченото врачување на лауреатката Оливера Ќорвезироска е најавено да се одржи во средината на мај. (Н. И. Т.)












