Пентагон беше затворен денес, а дел од зградата беше евакуиран откако се огласи сензор за опасни супстанции, но подоцна се покажа дека станува збор за лажна тревога, потврдија два информирани извори. Повеќе катови и ходници беа затворени поради „инцидент со опасни материјали“, како што претходно објавија извори и локалната противпожарна служба, пишува CNN.
Евакуацијата беше иницирана откако сензорскиот систем на Пентагон сигнализираше за можно присуство на антракс, кој можеше да се слушне во радио комуникацијата на службите за итни случаи. Сепак, еден од изворите појасни дека системот не функционирал правилно, што довело до лажната тревога. До 12:30 часот по локално време, зградата сè уште била затворена.
Официјални изјави
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, рече дека системите „откриле проблем со квалитетот на воздухот што бара мерки на претпазливост сè додека не ја утврдиме неговата важност“. „Министерството спроведува стандардни заштитни протоколи, што вклучува наредба на персоналот во погодената област да остане на своето место“, рече Парнел. „Тимовите за интервенција се на терен и се подготвени да им дадат поддршка на вработените“.
Во внатрешно известување испратено од безбедносниот тим на Пентагон, исто така, се вели дека е забележан „проблем со квалитетот на воздухот“ и дека е потребно дополнително тестирање. „Дополнителното тестирање може да потрае еден или два часа“, се вели во пораката. „Тимовите за интервенција се на терен и се подготвени да им дадат поддршка на вработените доколку е потребно.
Може да забележите персонал од повеќе агенции и мерки на претпазливост што се преземаат во централниот двор. Ве молиме не брзајте со заклучоци поради овие активности.“
Затворени делови од зградата
Портпаролката на противпожарната служба на округот Арлингтон, капетан Џејми Џил, потврди дека нивните единици се испратени да му помогнат на тимот за опасни материјали на Агенцијата за заштита на силите на Пентагон. Противпожарната служба објави на социјалните медиуми дека нивниот тим за опасни материјали работи во Пентагон „за време на инцидент со опасни материјали“.
Два извори рекоа дека во огромниот комплекс на Пентагон, катовите од втор до пет биле затворени во коридорите од четири до седум. Станува збор за надземните катови на зградата, која има вкупно девет коридори.
Во погодената област се наоѓаат, меѓу другото, главната канцеларија за односи со јавноста на морнарицата и канцеларијата на секретарот на армијата. Трет извор за Си-Ен-Ен изјави дека полицајците во зградата носеле гас-маски и целосна опрема за хемиска заштита.












