Првиот рекет на АТП-листата, Италијанецот Јаник Синер, продолжува со својата доминација на турнирите, откако се пласираше во полуфиналето на мастерсот во Рим, со сигурна победа над Андреј Рубљов од 6:2, 6:4.
Со триумфот во Форо Италико, Синер стигна до неверојатна 32. последователна победа на турнирите од највисоко ниво на АТП-турнејата и постави нов рекорд, надминувајќи ја серијата од 31 победа што ја држеше Новак Ѓоковиќ.
На Италијанецот му беа потребни само 90 минути за да го скрши отпорот на Рубљов, а неговата серија без пораз на турнирите на мастерс 1000 трае уште од октомври минатата година, кога мораше да му го предаде мечот на Холанѓанецот Талон Грикспор во Шангај.
Во меѓувреме, Синер освои титули во Париз, Индијан Велс, Мајами, Монте Карло и Мадрид, а сега е на чекор до нов историски успех пред домашната публика во Рим.
Дополнителен мотив за Италијанецот е фактот што неговиот најголем ривал, Карлос Алкарас, не настапува во Рим поради повреда, па Синер важи за апсолутен фаворит за титулата.
Доколку го освои турнирот, тој ќе стане само втор тенисер во историјата, по Ѓоковиќ, кој успеал да ги освои сите девет мастерс турнири.
Италијанските навивачи сонуваат за домашен шампион во Рим по пауза од цели 50 години, уште од легендарниот триумф на Адријано Паната во 1976 година.











