Изградбата на автопатот Кичево – Охрид ја чини државата над една милијарда евра, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали активно се работи на патно поврзување на Кичево.
– Пред некој ден, со новинарите, имавме посета на градежните активности што се случуваат на автопатот, најпрвин Гостивар – Букојчани, а потоа Кичево – Охрид. Повеќе од една милијарда се инвестира во оваа патна делница и очекувам делницата Кичево – Охрид да биде завршена некаде, еве, најдоцна да речеме, во првиот квартал од следната година, нешто што беше заборавено. Ајде што беше заборавено, беше и уништено. Сега ја разгледуваме можноста, конечно, и за таму да има одговорност зошто така се оставило тоа на забот на времето. А, исто така, во напредна фаза сме, слушнавте и од самиот изведувач на патот, практично од Гостивар до Букојчани, за реализација и на таа делница, веќе би рекол, повеќе од вкупниот број, мислам триесетина километри, мислам дека половината е веќе пробиена. А што се однесува до урбанистичкиот сегмент, имотноправните односи целосно се заокружени. Така што изведувачот може да работи и да го заврши и тој дел од автопатот – одговори Мицкоски.












