| И на ЕУ ѝ требаат длабоки реформи, да подразмисли околу методологијата на преговорите |
На Македонија ѝ е потребен поцврст и поаргументиран настап во процесот на европска интеграција, заснован на националните интереси и европските вредности, порачува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во интервју за МИА, таа нагласува и Европската Унија има потреба од длабоки реформи и преиспитување на методологијата на преговорите, оценувајќи дека односот кон кандидатите не смее да се сведува на принципот „молчи и слушај“. Сиљановска-Давкова повикува на политика базирана на докази, поголем домашен консензус околу стратешките прашања и фокус на вистинските реформи, особено во правосудството. Според неа, проблемот на евроинтеграциите не е во Уставот, кој досега бил менуван повеќепати, туку во потребата од почитување на европските принципи, владеењето на правото и зачувувањето на националниот идентитет и суверенитет. Таа исто така истакнува дека граѓаните мора да останат во центарот на политиката, бидејќи токму тие се изворот на легитимитетот и суверенитетот на државата.
-Не смееме да ги заборавиме граѓаните. Ние сме привремени, ние не сме совршени. Денес политиката е во голема криза бидејќи главно се занимава со тоа кој, кога, како и каде ќе добие, но граѓаните се изворот на нашиот легитимитет и тие се носителите на суверенитетот, вели претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во вториот дел од мега интервјуто за МИА.
Во однос на прашањето како ќе спречиме граѓаните да не ја изгубат вербата во европската перспектива, таа вели дека треба да ги охрабриме дека европските принципи и вредности, тие што се зацртани, а што не се почитуваат во конститутивните акти, дека се и македонски принципи и вредности, дека и овде можеме да функционираме на ист начин.
Контакт со опозицијата
Таа смета дека решението треба да доаѓа прво од дома и вели дека се обидела да воспостави контакт со опозицијата, бидејќи, како што рече, „не треба да одиме надвор без да се договориме дома“.
– Се обидов, верувајте ми, се обидов со најдобра намера да воспоставам контакт со опозицијата, да објаснам дека ако сме едногласни дома, да не одиме, прво, надвор, без да се договориме дома. Второ, да научиме дека надвор не се кажува она што се кажува дома. Често го цитирам Хелмут Кол кога го прашуваа во Шпанија за проблемите со финансирањето на партиите, а тој рече: „Не можам јас овде да одговорам, дома кога ќе дојдам, да“. Националниот интерес е најважен. Ние да имавме во многу прашања консензус поинаку ќе гледаа на нас и начинот на кој се однесуваат кон нас од надвор покажува дека ние сме ги охрабрувале дека уставните измени се главното решение, вели претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во интервјуто за МИА.
Таа посочува дека не е проблемот во Уставот, кој сме го менувале 36 пати. Вели дека секаде суверенитетот извира од граѓаните, а кај нас изгледа и од меѓународната заедница.
-Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата, вели македонската претседателка.
Во однос на прашањето за нејзината порака од Бугарија, каде што учествуваше на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, дека процесот на проширување на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми, таа одговори дека не може европскиот конституционализам да опстои ако не ги почитува сопствените вредности, односно, ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури.
– А тука е и логиката на другата група држави, кои велат дека ова се однесува само на членките што се внатре во ЕУ. Апсурдно е дека вие не мора да ги исполнувате овие критериуми кога аплицирате, ама откако ќе влезете… е, тогаш мора. Па ако е така, тогаш кога ќе влезат државите, сигурно ќе ги менуваат уставите. Има држави, како Италија и Холандија, кои немаат ниеден збор за Европската Унија. Има држави што внесуваат најчесто една глава во Уставот, што се однесува на односот меѓу уставното право, домашното, националното и акито, односно европското право. Ама ние со децении се хармонизираме. Со што се хармонизираме? Па точно со овие принципи бидејќи тие кореспондираат со Копенхашките критериуми и не случајно се утврдени, истакна Сиљановска-Давкова.
Без фрустрација поради „малата држава“
Говорејќи за нејзините средби и посети, претседателката истакна дека во нејзините настапи порачува дека е време за политика заснована на докази.
– Ако вие укажете пристојно, културно, со аргументи, дека имате забелешки на некои решенија, дека тие решенија не кореспондираат со филозофијата на Европската Унија, дека тие решенија не се прифатливи за повеќето од граѓаните, тогаш мислам дека ќе размислат, ако не самите тие, тогаш нивните соговорници. И затоа јас честопати говорам дека е време за политика заснована на докази, вели Сиљановска – Давкова.
Таа потенцира дека не смееме надвор да се однесуваме фрустрирано, субмисивно – мала држава, мал претседател, дека мора да послушаме. Истакнува дека е важно да не сме ние фрустрирани само поради тоа што доаѓаме од „малата држава“.
– Вие мора да ги изнесете националните интереси, ставови и да ги браните. Таков ќе биде и односот кон вас, се разбира, доколку го заслужувате тој однос и доколку сте рамноправни со нив во разговорот. Јас тоа одамна сум го надминала и апсолутно, кога ги кажувам нештата, ги кажувам така како што мислам дека се и никогаш не заборавам кого претставувам. Никогаш. И затоа јас честопати говорам дека ЕУ треба да подразмисли околу методологијата на преговорите. Не може тоа да биде „молчи и слушај“. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат. Е, какви се тие преговори кога вие мене ми велите: „Еве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате“? Не. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.
Таа најави дека Македонија ќе го организира настанот „Брдо – Бриони“, бидејќи смета дека тој процес не смее да престане.
– Може нема да биде тоа ни Брдо ни Бриони, ама ќе биде еден добар балкански чекор. Ние немаме никаков проблем, особено не територијален или друг проблем, со нашите соседи. Ние дејствуваме во рамките на процесот „Брдо – Бриони“ како одговорен регионален играч и тоа го почитуваат сите мои колеги и колешки“, додава претседателката Сиљановска -Давкова.
Во интервјуто таа зборува и за довербата во судството, која сега изнесува само два отсто, истакнувајќи дека решението е во сериозни реформи. Таа додава дека ние бевме сведоци дека еден антисистем стана систем или дека она што беше недозволено стана нешто редовно.
– За тоа треба време, меѓутоа тука сум и јас многу строга, имам сè уште забелешки. Мислам дека ако не решиме да раскрстиме со партизацијата и политизацијата при аплицирањето, при изборот на луѓето во судството, во Јавното обвинителство, во Уставниот суд, во Управниот суд, во управните одбори и така натаму, тогаш ќе се вртиме во круг, истакна претседателката.
На прашањето каква Македонија би сакала да види на крајот од својот мандат, Сиљановска – Давкова одговори дека сака да ја види внатре во ЕУ, но со извесност и да се знае дека врз основа на хармонизираноста – не само правна, туку и политичка, економска и реформска.












