Фудбалската репрезентација на Австралија ја победи Турција со 2:0, а првиот гол на натпреварот го постигна Нестори Иранкунда, млад напаѓач кој повторно го привлече вниманието кон себе со својата неверојатна животна приказна.
Иранкунда (20) е фудбалер кој пораснал далеку од гламурот на големите стадиони. Роден е во Танзанија, во семејство по потекло од Бурунди, кое било принудено да ја напушти својата татковина поради воените конфликти. Првите години од својот живот ги поминал во бегалски камп, каде што играл фудбал на импровизирани терени и на улица, и токму таму почнале да се забележуваат неговата брзина и извонредни таленти.
Кога како дете се преселил во Австралија со своето семејство, неговиот фудбалски развој тргнал по остра нагорна траекторија. Набрзо се пробил од локалните клубови во младинските тимови, а потоа и во професионалниот фудбал. Неговиот талент го однесе во Европа – пред две години потпиша за Баерн Минхен, каде што не доби место во првиот тим, па следеше трансфер во англискиот Вотфорд. Минатата сезона имаше 40 настапи, со четири гола и пет асистенции.
Неговиот гол против Турција е само најновиот момент во приказната што го обележува како еден од највозбудливите млади играчи во светот – момче кое дојде од бегалски камп за да постигне гол на најголемата светска сцена.












