Трошоците за живот продолжуваат да растат, а дополнителен удар врз семејниот буџет се и најавените повисоки банкарски провизии. Во услови кога речиси секое семејство отплаќа кредит, зголемените трошоци дополнително ќе ја намалат куповната моќ на граѓаните. Најновите податоци за минималната потрошувачка кошница покажуваат дека нејзината вредност во мај достигнала 68.743 денари, што е за 4.835 денари или 7,57 отсто повеќе во споредба со тој месец лани. Само во првите пет месеци од годинава трошоците за живот се зголемиле за 3.250 денари, односно за речиси пет проценти, што дополнително го зголемува притисокот врз семејниот буџет. Најголем раст на трошоците е забележан кај храната и транспортот, додека во текот на мај најмногу поскапеле горивата и комуникациските услуги.
Дополнителна потврда за растот на трошоците за живот се и податоците на Државниот завод за статистика, според кои инфлацијата во мај изнесувала 4,8 проценти на годишно ниво. Според синдикатите, тоа значи дека реалната вредност на платите продолжува да се намалува, а за истите приходи граѓаните може да купат сè помалку производи и услуги.
Од ССМ предупредуваат дека без конкретни мерки за заштита на животниот стандард, сè поголем број семејства ќе се соочат со тешкотии во покривањето на основните животни потреби.
– Засега, за жал, не гледаме ефекти од економските политики на Владата, ниту, пак, граѓаните чувствуваат какво било поевтинување. Напротив, цените секојдневно и неконтролирано растат, што придонесува за поголема сиромаштија и живот што се сведува на плата за преживување, а не за достоинствен живот. Загрижува и фактот што се најавени и веќе се зголемуваат банкарските провизии, додека речиси секое семејство зависи од банкарски кредит. Истовремено, цените на становите продолжуваат да растат и покрај очекувањата за нивна стабилизација. Со еден збор, банките и работодавците стануваат сè побогати, а работниците и граѓаните сè посиромашни – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател за приватен сектор при ССМ.
Од Синдикатот повторно апелираат за системски мерки што ќе помогнат во ублажувањето на ценовните шокови кај основните производи и услуги, како и за усогласување на платите со реалните трошоци за живот.
Според нив, доколку продолжи трендот на поскапување, дополнително поттикнат од растот на цените на енергенсите и на горивата на светските пазари, може да се очекува ново зголемување на вредноста на минималната кошница и уште поголем притисок врз буџетот на работничките семејства. Затоа заштитата на куповната моќ и обезбедувањето достоинствен животен стандард за работниците мора да останат приоритет на економските и на социјалните политики во државата.
Дополнителен товар за граѓаните ќе бидат и повисоките банкарски провизии, кои ќе стапат на сила од 1 август. Според најавите, дел од банкарските услуги ќе поскапат за повеќе од 30 отсто, а на удар ќе бидат најчесто користените услуги: плаќање сметки на шалтер, одржување платежни и девизни сметки, користење дигитално банкарство, меѓународни трансфери и станбени кредити. Најголемото поскапување е кај плаќањето режиски сметки во готово на шалтер, каде што провизијата ќе се зголеми од 90 на 120 денари за трансакција. Синдикатите предупредуваат дека ваквите дополнителни трошоци ќе извршат уште поголем притисок врз семејниот буџет во услови на зголемени цени и високи животни трошоци.
(А. С.)












