
Само два месеци по преземањето на власта, бугарскиот премиер, Румен Радев, се соочува со првиот посериозен пад на довербата. Новото истражување на „Маркет линкс“ покажува дека се намалува поддршката за него и за неговата влада втор месец по ред, додека расте бројот на граѓани што сметаат дека кабинетот не ги исполнува високите очекувања.
Во мај, Радев имал доверба од 56 проценти, а 22 проценти од испитаниците изразувале недоверба. Во јули, неговиот позитивен рејтинг се намалил на 50 проценти, додека негативниот се зголемил на 33 проценти. Уште поизразен е падот кај Владата. Кога стапи кабинетот на должност, го поддржувале 50 проценти од граѓаните, а 24 проценти не му верувале. Два месеци подоцна, довербата е намалена на 42 проценти, додека недовербата пораснала на 35 проценти.
Меѓу главните причини за падот се реакциите на предложениот буџет за 2026 година, недостигот од убедливи резултати во домашната политика и слабеењето на пораките за решителна борба против корупцијата и стариот модел на управување. Но, и покрај падот на довербата, партијата на Радев останува убедливо прва со поддршка од 39 проценти.











