Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека денес на самитот на Европската унија ќе побара од ЕУ да го суспендира договорот за трговски односи со Израел, бидејќи оваа блискоисточна земја ги крши човековите права во Палестина, со што не го почитува членот од договорот.
Санчез се обрати пред новинарите во Брисел, пред почетокот на состанокот на Европскиот совет, на кој се собраа шефовите на држави или влади на 27-те земји-членки на Европската унија. „Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, доби пристап до извештајот на известувачот за човекови права, во кој се наведува дека Израел можеби го крши член 2 од договорот што ЕУ го има со Израел, а кој е поврзан со човековите права“, рече Санчез.
„Верувам дека е повеќе од очигледно дека Израел го крши Член 2 и затоа денес во рамките на Европскиот совет ќе се залагам Европа да го суспендира договорот со Израел. Ова мора да се случи веднаш“, додаде тој.
Правната основа за трговските односи на ЕУ со Израел е Спогодбата за асоцијација меѓу Европската Унија и Израел, која е во сила од јуни 2000 година. Со овој договор се воспостави правна и институционална рамка за политички дијалог и економска соработка. Член 2 утврдува дека почитувањето на човековите права и демократските принципи е „суштински елемент“ на договорот.
„Нема смисла што воведовме 18 пакети санкции врз Русија поради нејзината агресија врз Украина и Европа, и што поради двојни стандарди не сме во можност да суспендираме ниту еден трговски договор кога е толку очигледно дека Израел го крши Член 2 од договорот“, рече Санчез.
Шпанскиот социјалист истакна дека министрите за надворешни работи на сите 27 земји го примиле извештајот на известувачот за човекови права за „катастрофалната ситуација со геноцидот што се спроведува во Појасот Газа“. Минатата година Шпанија ја призна државата Палестина во границите од 1967 година, на што Израел реагираше со повлекување на својот амбасадор од Мадрид.