среда, август 12, 2026
Дома СВЕТ Шпанија прими милиони туристи: За да се гледа затемнувањето на Сонцето од...

Шпанија прими милиони туристи: За да се гледа затемнувањето на Сонцето од Мајорка, се плаќаат и 200.000 евра!

1

Со повеќе од 33.600 полицајци и членови на Цивилната гарда, распоредени на неколку локации, Шпанија ги дочека туристите што допатуваа специјално за да го проследат вечерашниот спектакл на небото: целосно затемнување на Сонцето, кој се смета за еден од најочекуваните астрономски настани на деценијата.

Во очекување на огромниот прилив на туристи, властите одредија 123 области со посебен безбедносен режим. Според шпанскиот портал „Кадена СЕР“, на повеќе од 350 локации, специјално за да го гледаат затемнувањето на Сонцето,  пристигнале помеѓу 1,8 и 2,9 милиони луѓе. Само на Балеарските Острови властите одредија 26 официјални зони за набљудување: девет на Мајорка, девет на Менорка, шест на Ибица и две во Форментера, пишува „Ултима ора“.

Пред шпанските власти како проблем се испречи опасноста од пожар. Шпанија е во многу сув и жежок период, а големиот број луѓе што се движат во природа дополнително го зголеми ризикот. Затоа, во деновите додека да се расчисти вонредниот метеж, им се посветува особено внимание на чувствителните природни области, а воздушниот надзор е засилен. И сообраќајниот метеж во Мајорка е еден од проблемите. Според Ер-те-ве-е, сообраќајот на одредени патишта низ планинската област Сера де Трамунтана е ограничен, а се следи и поморскиот сообраќај.

Меѓу гостите постои голем интерес за набљудување на спектаклот од море. Според „Ер-те-ве-е балеарик“, резервациите за бродови почнале да се пополнуваат месеци однапред, а до денеска тие се речиси целосно распродадени. За оние со многу длабок џеб, постои и луксузна опција. Хотелската компанија „Мелија хотелс интернешнл“ понуди пакет вреден дури 200.000 евра. Цената вклучува приватен превоз, лет со приватен авион, четири ноќевања во луксузен апартман, личен возач и набљудување на затемнувањето од приватна јахта. Во пакетот има и специјална гастрономска понуда.

Затемнувањето на Сонцето од Шпанија го следи и НАСА, која ќе го емитува спектаклот во живо, од неколку локации. Една од нив е во Вилалибадо, речиси напуштено село во покраината Бургос, од кое последните жители си заминаа во 1998 година. За да им го пренесе затемнувањето на гледачите низ светот, НАСА постави телескопи до романската црква во Сан Салвадор во Вилалибадо, пишува „Кадена“.

Реткиот феномен поради кој навалија милиони луѓе од сите страни на светот во Шпанија, се случува вечерва по 19 часот, кога делови од Земјата ќе се најдат на патот на Сонцето и ќе предизвикаат негово затемнување. Од некои краеви на светот затемнувањето ќе биде делумно, но Шпанија, како што најавија претходно астрономите, ја има ексклузивноста од нејзина територија, особено од Мајорка, пред зајдисонце, да се гледа целосното затемнување на Сонцето во период од околу една и пол минута, што е мамка за милиони туристи.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ