Македонскиот вицешампион, екипата на Шкендија, претрпи минимален пораз во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, откако на гостувањето во Словенија загуби од Браво со 2:1 во првиот натпревар од второто квалификациско коло. Иако тетовци први поведоа, словенечкиот состав направи пресврт, па патникот во следната рунда ќе биде решен на реваншот што следната недела ќе се одигра во Скопје.
Шкендија одлично го отвори мечот и во 10. минута стигна до предност преку Ендрит Красниќи, кој беше сигурен реализатор од белата точка. Радоста на македонскиот тим траеше само осум минути, бидејќи 19-годишниот Копатин израмни на 1:1, резултат со кој се замина на паузата. Во второто полувреме Браво целосно го комплетираше пресвртот. Во 56. минута Јаков Станковиќ ја затресе мрежата на Шкендија за конечни 2:1. До крајот двете екипи имаа свои можности, но резултатот не се менуваше.
По натпреварот, тренерот на Шкендија, Артим Положани, истакна дека е задоволен од играта на својот тим, но не и од реализацијата.
- Им честитав на момците за нивната изведба. Мислам дека одигравме одличен натпревар со многу создадени шанси против противник кој е тактички одлично поставен. Она што не функционираше беше завршницата. Во европските натпревари секоја создадена шанса и секој гол се исклучително важни, па токму на тој сегмент мора да работиме пред реваншот, изјави Положани.
Тој порача дека ништо не е решено и дека Шкендија останува со реални шанси за пласман понатаму.
- Во вакви натпревари нема сигурен резултат. Дури и да имавме поповолен исход, повторно ќе требаше максимално да одиграме во Скопје. Верувам дека пред нашите навивачи можеме да ја надоместиме оваа негатива и да избориме пласман во следното коло, додаде стратегот на тетовци.











