понеделник, ноември 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ШЕСТМЕСЕЧНИТЕ ПОДАТОЦИ ВКЛУЧУВААТ НОВ АЛАРМ: Во минус и општините што беа во...

ШЕСТМЕСЕЧНИТЕ ПОДАТОЦИ ВКЛУЧУВААТ НОВ АЛАРМ: Во минус и општините што беа во демографски плус

Податоците од првото и од второто тримесечје укажуваат дека се намалило населението во земјава за вкупно 2.967 лица, при што позитивен природен прираст имало само во 15 од вкупно 80 македонски општини. Најмногу загрижува тоа што и во оние општини каде што имало лани повеќе новороденчиња отколку починати, сега има сè помал природен прираст. Во изминатиов период, владините претставници најавуваа одредени мерки за стимулирање на наталитетот, кои сè уште чекаат на свое заокружување и носење. Сега се најавуваат и нови. Од Министерството за социјална политика потврдија за весникот ВЕЧЕР дека веќе се подготвува такво нешто

1

Нови загрижувачки податоци врзани за демографските движења во општините во земјава покажуваат статистичките бројки, кои се однесуваат на првите шест месеци од годинава. Со нив, само во 15 македонски општини, од вкупно 80, има поголем наталитет отколку морталитет, за разлика од минатата година, кога 18 општини биле во демографски плус. Но, и ова не е најзагрижувачкиот факт што предизвикува демографски аларм, бидејќи она што е уште полошо е фактот што и оние општини што биле во демографски плус, сега има сè помал природен прираст. Таква состојба е забележана во речиси десетина општини во кои доминира етничко албанско население и во кои во изминативе години имало значително повеќе новороденчиња отколку умирачки во однос на општините во другите делови од Македонија.

Сето ова јасно се гледа од статистичките податоци на Државниот завод за статистика за минатата година и за првите шест месеци од годинава. Така, ако во минатата 2025 година населението во земјава се намалило за 4.381 лице бидејќи имало само 15.531 новороденче и 19.921 умрени лица, во првите шест месеци од оваа година населението во земјава се намалило за 2.967 лица. Значи, 1.414 лица помалку отколку за целата ланска година, што укажува дека до крајот на декември може да се очекува уште попоразителен биланс отколку на крајот од минатата година бидејќи може да достигне и минус од околу 5.000 лица.

Сè поголема негатива

Ваквата песимистичка прогноза најмногу се должи на она што се случува во општините што досега, колку-толку, го ублажуваа негативниот природен прираст. Така, на пример, ако во општините Бутел и Петровец целата мината година имало по 20 повеќе новороденчиња повеќе отколку умрени лица, сега во нив има минус од 39, односно минус од 10 лица. Уште попоразително е во Општина Чучер – Сандево, во која лани имало демографски плус од 43 бебиња во однос на умрените, но шестмесечните податоци сега покажуваат дека се намалил бројот на жители за 12 граѓани. И во Долнени лани имало 7бебиња повеќе од умирачки, но сега Општината е во минус 11 лица. Во скопски Центар, крајот на ланската година бил дочекан со плус 23 лица, но сега, за овие шест месеци, има демографска негатива од минус 62 лица.

Загриженоста е поголема доколку се погледне намалувањето на демографскиот плус во повеќе други општини. Во Тетово, на пример, целата ланска година бројот на население се зголемил за 166 лица, но сега, по првите шест месеци, зголемувањето е само 26 лица. Во Студеничани, пак, лани плусот бил 296 лица, а по првите шест месеци е само 97. Во Липково, соодносот е меѓу ланскиот плус од 95 лица и полугодишниот од само 15 лица. Во Желино, пак, лани бројот на население се зголемил за 43 граѓани, а за последните шест месеци само за 7, во Арачиново тој сооднос е меѓу ланските 180 и годинашниве 65. Во Чаир 277 наспроти 104, а во Сарај 298 наспроти 123. Односно, и наједноставната математика покажува дека до крајот на годинава, во рамките на статистичкиот период јули – декември, тешко дека ќе може значително да се подобри досега регистрираниот сооднос.

Сето ова доволно укажува дека негативниот демографски тренд, извесно, ќе продолжи со засилена динамика. Со тоа, последиците на белата чума годинава може да бидат уште полоши од ланската, која беше оценета како најлоша демографска година во македонската историја. Тоа се гледа и од шестмесечните податоци за бројот на умрени лица во одредени македонски општини. Во скопската општина Аеродром, во првото полугодие веќе умреле 102 лица, а целата ланска година 135. Во Гази Баба тој сооднос е 101 наспроти 142 лица, во Карпош 112 наспроти 178 граѓани, во Виница 81 наспроти 119 граѓани, додека во Кичево, во првите шест месеци умреле 106 лица, во сите лански дванаесет месеци – 174 граѓани.

Се чека стратегија

А лошите тенденции никако да запрат, исто како што тешко заживуваат во практика одредени мерки што би биле во функција на зголемувањето на наталитетот. Во изминативе години беа донесувани најразлични мерки, но при промената на власта во земјава, најчесто доживуваа укинување и како последица на идеолошките разлики меѓу партиите на власт. Во изминатиов период, владините претставници најавуваа одредени мерки за стимулирање на наталитетот, кои сè уште чекаат на свое заокружување и носење. Сега се најавуваат и нови. Од Министерството за социјална политика потврдија за весникот ВЕЧЕР дека веќе се подготвува такво нешто.

– Анализата на клучните демографски показатели, како што се стапката на наталитет, стапката на природен прираст, стапката на морталитет и вкупната стапка на фертилитет, укажува на присуство на негативни демографски трендови. Демографските предизвици не се специфични само за нашата земја туку се карактеристични и за поголемиот дел од европските држави. Поради тоа, демографијата претставува еден од приоритетите на Владата, а пристапот кон нејзиното унапредување подразбира координирани политики и мерки во повеќе области, меѓу кои економскиот развој, инфраструктурата, образованието, здравството, социјалната политика, културата и животната средина. Министерството подготвува стратешки документи од областа на демографијата. Повеќе од една година работиме на подготовка на стратешки документи во соработка со УНФПА. Во тек е финализирањето на нацрт-стратегијата за демографска отпорност и акцискиот план за нејзино спроведување – изјавија од владиниот ресор за весникот ВЕЧЕР.

Премиерот Христијан Мицкоски пред повеќе месеци најави дека од почетокот на следната година ослободувањето на мајките од данок ќе биде една од мерките со кои ќе се стимулира поголемиот наталитет во земјава. Тој тогаш рече дека на тој начин ќе се добијат пристојни суми со кои ќе може да се покријат одредени трошоци. Според него, мерката е дел од предвидените содржани во демографската стратегијата на земјава во која е наведено дека еден од нашите приоритети се и поддршката за формирање семејства и поддршката на родителите. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ