Вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјална работа во Гевгелија не утврдил пропусти во постапувањето на институцијата во случајот со седумнаесетгодишната Билјана Кириќ од Богданци, објави Телма. Инспекторите за социјална заштита, по увидот во службената документација, констатирале дека Центарот постапувал во рамките на своите законски надлежности и презел соодветни мерки за заштита на малолетничката. Ова е официјалниот заклучок од надзорот што следуваше по убиството на малолетната девојка.
Според информациите од Министерството за труд и социјална политика, Центарот на 2 октомври добил известување од МВР за настан што се случил на 30 септември. Истиот ден бил контактиран таткото на девојчето, а средбата во Центарот била договорена за 5 октомври. Тогаш биле спроведени разговори со таткото и со Билјана, при што биле земени изјави на записник, а таткото дал согласност за поведување понатамошни постапки за нејзина заштита.
Наредниот ден, на разговор бил повикан и 21 годишниот Виктор, и му биле укажани последиците од вршењето насилство. По проценката на ризикот, Центарот веднаш доставил барање до надлежниот суд за изрекување привремени мерки за заштита. Се барало забрана за закани, малтретирање, вознемирување и контактирање со девојчето, како и забрана за приближување на растојание помало од 100 метри, велат од Министерството за труд и социјална политика.
На 16 октомври судот донел решение со кое биле изречени бараните мерки во траење од шест месеци. Од Министерството за труд како и од МВР информираа дека по изрекувањето на мерките немало пријава за нивно прекршување.












