Со мнозинство гласови, советниците во Советот на Општина Велес го усвоија новиот ценовник за користење на јавните паркиралишта во Велес, со што се отвора патот за повторно воведување наплата на паркингот во градот.
Цената за еден час ќе зависи од зоната, а ќе се движи од 20 до 40 денари.
Според усвоениот ценовник, паркирањето во првата зона „А“ ќе чини 40 денари за еден час, во зоната „Б“ цената ќе биде 30 денари, додека во зоната „Ц“ ќе се плаќаат 20 денари. Предвиден е и толерантен период од првите десет минути, а при плаќање преку СМС-порака, трошокот за испраќање на пораката нема да биде вклучен во цената на паркирањето.
Директорот на ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ (ЈППСП), Златко Стојковски, кое ќе биде задолжено за наплатата и за одржувањето на паркиралиштата, вели дека цените се утврдени според економската моќ на велешките граѓани и се усогласени со тарифите во Скопје – Центар, Штип и Кавадарци.
Претходно, платениот паркинг функционирал само шест месеци
Во Велес, наплата за паркирање имало и пред шест години. Тогаш цената за еден час изнесувала 30 денари во зоната „А“, 20 денари во зоната „Б“ и 10 денари во зоната „Ц“.
Работното време за наплата ќе биде различно во зависност од сезоната. Во зимскиот период, од понеделник до петок, наплатата ќе се врши од 7 до 21 часот. Во летниот период, од понеделник до петок, паркирањето ќе се наплаќа од 7 до 23 часот. В сабота, во текот на целата година, наплатата ќе биде од 7 до 16 часот. В недела и за време на државните празници, паркирањето на јавните паркиралишта ќе биде бесплатно.
Ценовникот предвидува и посебни тарифи за резидентите, вработените во институциите и правните лица. Резидентната дозвола ќе чини 300 денари месечно или 3.000 денари годишно. Истата цена ќе важи и за дозволите на вработените во институциите.
Сепак, со овие дозволи не се гарантира дека корисникот секогаш ќе има слободно паркинг-место.
За отстранување блокатор од тркало ќе се наплаќа 1.000 денари. Месечните дозволи за правни лица ќе бидат различни според зоната. Зона „А“ – 3.100 денари, зона „Б“ – 2.500 денари и зона „Ц“ – 1.800 денари. Годишната дозвола за правни лица ќе се пресметува така што месечната цена ќе се помножи со 10. Предвидена е и годишна претплата за сите зони, која за физичките лица ќе изнесува 35.000 денари, а за правните лица 45.000 денари. И во овој случај не се резервира конкретно паркинг-место за корисникот.
Посебен режим ќе важи за паркирањето на улицата „Благој Ѓорев“, на потегот од кружниот тек „Авона“ до Градскиот саат, на улицата „8 Септември“. Паркирањето во третата лента на овој потег нема да се наплаќа бидејќи станува збор за регионални улици.
Усвоениот ценовник ќе почне да се применува со официјалниот старт на платеното паркирање. Во моментов се вршат техничките подготовки, се договара соработката со мобилните оператори и се подготвува поставувањето на наплатните рампи и куќарки.












