понеделник, ноември 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Арсоски: Европа не може да биде безбедна сè додека е поделена

Арсоски: Европа не може да биде безбедна сè додека е поделена

0

Учество на собраниска делегација на Интерпарламентарната конференција за ЗНБП/ЗБОП во Даблин

 

Делегација на македонското Собранието во состав од пратениците Павле Арсоски, Муса Џафери и Димитар Ковачевски, учествуваше на Интерпарламентарната конференција за Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗНБП/ЗБОП), која  се одржа од 4 до 6 ноември 2026 година во Даблин, Ирска.

Како што соопштија собраниските служби, во фокусот на конференцијата биле приоритетите и стратегиите за заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, руската агресорска војна против Украина, како и состојбите на Блискиот Исток и европскиот одговор на ескалацијата на геополитичките тензии и нарушувањето на меѓународното право. Посебна сесија била посветена на одбраната на демократијата, со акцент на хибридните закани, заштитата на критичната инфраструктура и јакнењето на општествената отпорност.

-На конференцијата свое обраќање имаше шефот на македонската делегација, пратеникот Павле Арсоски, кој истакна дека Европа не може да биде безбедна сè додека е поделена, нагласувајќи дека проширувањето на Европската Унија не е услуга, туку стратешка инвестиција во безбедноста на целиот континент. Во контекст на приоритетите на ирското претседавање, тој посочи дека Северна Македонија постигна целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката одбранбена и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина. Притоа, нагласи дека учеството на земјата во мировните мисии и операции на ЕУ, како и во силите за брзо реагирање на Унијата, потврдува дека Северна Македонија е сигурен и одговорен европски безбедносен партнер. Осврнувајќи се на процесот на пристапување кон ЕУ, Арсоски истакна дека напредокот на Северна Македонија треба да се оценува врз основа на постигнатите резултати, без политизирање на историските прашања и билатерални условувања. Тој истакна дека двојните стандарди не ја штитат процедурата, туку го нарушуваат нејзиниот интегритет и ја поткопуваат довербата во Европската Унија, истакнуваат од Собрнаието.

На крајот од своето излагање, Арсоски заклучи дека земјава со својата доследна посветеност и конкретен придонес кон европската безбедност покажува дека европските вредности се потврдуваат преку дела, а не само преку декларативни заложби. Во таа насока, порача дека е време Европската Унија да ја препознае и вреднува посветеноста на земјите кои активно придонесуваат за одбраната на европската безбедност и стабилност.

-На темата „Одбрана на демократијата – хибридни закани, критична инфраструктура и општествена отпорност“ се обрати и пратеникот Димитар Ковачевски, кој истакна дека современите предизвици за демократијата не се ограничени само на државните граници, туку сè повеќе ги засегаат институциите, дигиталниот простор и општеството во целина. Тој нагласи дека справувањето со хибридните закани претставува стратешка неопходност за Северна Македонија како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ, при што безбедноста, демократската стабилност и довербата на граѓаните се меѓусебно неразделни. Во таа насока, ги посочи конкретните активности на земјата, меѓу кои законските решенија за проверка на инвестициите во критичните сектори, со цел економската отвореност да не биде на штета на националната безбедност, како и инвестициите во државен дата-центар за обновување на податоците и обезбедување континуитет и отпорност на дигиталната инфраструктура, стои во соопштението.

Ковачевски потенцирал дека законската регулатива и технолошките решенија сами по себе не се доволни за заштита на демократијата, туку се неопходни и силни институции, информирани граѓани, независни медиуми и капацитети за препознавање и спротивставување на дезинформациите. Притоа, нагласил дека општествената отпорност мора да се гради пред да настане кризата, а не откако таа ќе се случи. На крај од своето излагање, Ковачевски заклучил дека членството во НАТО и европската интеграција се израз на определбата на Македонија за безбедна, демократска и отпорна Европа, нагласувајќи дека најсилната одбрана на демократијата е општество кое не дозволува да биде заплашено, поделено или манипулирано.

ИЗДВОЕНИ