Европската Унија повторно ја разгледува можноста за укинување на повеќедецениската забрана за комерцијално производство на вино од шест американски сорти грозје: ноа, отело, изабела, жакез, клинтон и хербемон, кои пристигнале во Европа во 19 век.
Иницијативата ја поведе францускиот европратеник Ерик Сарџакомо, кој смета дека се застарени ограничувањата. Според него, нелогично е да можат да се увезуваат и консумираат вината од овие сорти во Европа, а нивното производство да остане забрането.
Поддржувачите на измените сметаат дека современата технологија овозможува производство на квалитетно вино и дека треба да им се препушти изборот на потрошувачите. Критичарите, пак, предупредуваат за високи приноси, дополнителен притисок врз пазарот и за специфичниот мошусен вкус на овие вина.
Франција, Италија и Шпанија и претходно се спротивставиле на сличен предлог, оценувајќи дека легализацијата може да го наруши угледот на европските вина. Иако Европскиот парламент годинава поддржал измени, тие не поминале во преговорите со Советот на ЕУ. Сарџакомо сега се обидува да ги вклучи во новата регулатива за земјоделските пазари, која треба да се применува по 2027 година.
Забраната во Франција била воведена во 1930-тите години, во период на криза во винската индустрија, предизвикана од прекумерното производство и од падот на цените.












