Со новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, бензините ќе поевтинат за седум денари за литар, а дизелот за 5,5 денари. Литар еуросупер БС-95 ќе чини 86 денари, БС-98 ќе се продава за 88 денари, додека цената на дизелот ќе изнесува 94,5 денари.
Се намалуваат и цените на другите нафтени деривати. Екстра лесното масло за домаќинство ќе поевтини за 6,5 денари и ќе чини 103,5 денари за литар, а мазутот М-1 НС ќе се намали за 6,261 денари и ќе се продава по 49,312 денари за килограм.
Од РКЕ соопштија дека со оваа одлука малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 7,51 процент во однос на претходната пресметка од 2 ноември.
Намалувањето е резултат на пониските референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Според РКЕ, бензините поевтиниле во просек за 12,34 проценти, дизелот за 6,78 проценти, екстра лесното масло за 7,83 проценти, а мазутот за 13,81 процент.
Врз пресметката влијаел и курсот на денарот во однос на доларот, кој во анализираниот период во просек изнесувал 54,84 денари за долар, што е за 0,52 проценти пониско од претходниот пресметковен курс.












