Националниот парк „Шар Планина“, во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), деновиве го спроведе првото организирано пребројување и процена на состојбата на популацијата на дивокозата во зоната на строга заштита Лешница.
Истражувањето ги опфати трите лешнички долини. Притоа биле забележани здрави стада, со присуство на единки од различна возраст и пол, вклучително и подмладок.
– Ова се охрабрувачки показатели за состојбата на популацијата. На набљудуваните локалитети има и соодветни услови за исхрана – соопштија од НП „Шар Планина“.
Оттаму додаваат дека добиените резултати се во согласност со досегашните забележувања на ренџерската служба при редовните теренски контроли, како и со податоците од фотозамките поставени во изминатите месеци.
– Фотозамките го потврдуваат и присуството на предатори, кои се природен дел од планинскиот екосистем. Нивното присуство, заедно со состојбата на популациите на дивите животни, ни помага подобро да ги разбереме природните односи и динамиката на дивиот свет – велат од НП „Шар Планина“.
Нагласуваат дека собраните податоци ќе бидат корисни и за Програмата за мониторинг на балканскиот рис, која МЕД ја спроведува во соработка со бројни партнери во Македонија и соседните држави.
Како што нагласуваат од националниот парк Шар Планина, како дел од голем прекуграничен планински комплекс, претставува значајно живеалиште за балканскиот рис.
– Со своите 109 врвови над 2.000 метри надморска височина, пространите високопланински пасишта, стрмните карпести предели и богатите шуми, таа обезбедува извонредни услови и за дивокозата – објаснуваат тие, нагласувајќи дека целта не е само да се знае колку дивокози има, туку да се создадат услови тие да живеат без постојано вознемирување.
Според НП „Шар Планина“, дивокозата е исклучително приспособена на живот во стрмни и тешко пристапни планински предели. Нејзината агилност, развиените сетила и способноста за брзо движење по карпести терени ѝ овозможуваат да преживува и во најсуровите планински услови.
– Но, и покрај овие способности, таа е чувствителна на човечкото вознемирување. Затоа, спречувањето на криволовот, почитувањето на законската забрана за лов во Националниот парк и контролата на движењето на моторните возила се меѓу клучните мерки за нејзина долгорочна заштита. Нашата желба е во иднина дивокозите да можат да се набљудуваат и во текот на денот, во нивните природни живеалишта, без страв и постојано повлекување пред човековото присуство – информираат од НП „Шар Планина“.
Ова е прво вакво истражување организирано од овој Национален парк. Доколку временските услови дозволат, пребројувањето ќе продолжи и на други локалитети во Националниот парк.












