Македонските спортисти остварија одличен настап на Медитеранските игри во Таранто, од каде што се враќаат со вкупно шест медали – едно златно, две сребрени и три бронзени одличја. Со овој учинок, Македонија го повтори бројот на медали од Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година, кога македонските спортисти освоија две злата, едно сребро и три бронзи.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски го оцени настапот на македонската делегација како исклучително успешен, посочувајќи дека шесте медали се потврда за квалитетот на македонските спортисти и за нивната посветена работа.

„Шест медали од Медитеранските игри се резултат со кој треба да бидеме горди. Овие одличја се освоени со огромен труд на спортистите, нивните тренери и федерациите, а се радост за целата македонска јавност. Македонскиот олимписки комитет ги овозможи сите услови на овие медитерански игри, а спортистите ни вратија со медалите кои што ги донесовме. Нивниот настап претставува потврда дека Македонија има спортисти кои можат да се борат за највисок пласман на големи меѓународни натпревари“, истакна Димевски.

Тој додаде дека успехот во Таранто претставува дополнителен мотив за продолжување на вложувањата во македонскиот спорт и создавање подобри услови за спортистите.

Посебно место во македонскиот настап во Таранто има Матеј Белистојановски, кој го освои златниот медал во карате во категоријата до 67 килограми. Белистојановски со четири победи стигна до финалето, во кое со 6:0 го совлада хрватскиот претставник Боран Берак и го освои златниот медал.

„Пресреќен сум што успеав да го освојам златниот медал и да ја направам Македонија горда. Овој успех е резултат на многу работа, тренинзи и одрекувања. Благодарен сум на сите кои беа со мене и ме поддржуваа. Ова злато е дополнителен мотив да продолжам да работам и да се борам за нови успеси“, истакна Белистојановски, кој го освои златниот медал во карате, во категоријата до 67 килограми.

Покрај него, Фати Вејсели освои сребро во борење слободен стил до 74 килограми, а Реџеп Хајдари сребро во категоријата до 97 килограми. Вероника Консевиќ освои бронзен медал во борење слободен стил до 57 килограми, Ахмад Магомедов бронза во категоријата до 86 килограми, додека Ален Рустемовски се закити со бронза во бокс во категоријата до 60 килограми.

Петар Спасеновски, шеф на македонската делегација во Таранто, истакна дека постигнатите резултати се круна на долгогодишната работа и подготовките на македонските репрезентативци.

„Медитеранските игри се натпреварување со исклучително силна конкуренција и секој освоен медал има голема тежина. Нашата делегација покажа борбеност, професионалност и квалитет. Како шеф на делегацијата, особено сум горд на начинот на кој нашите спортисти ја претставуваа Македонија во Таранто. Имавме навистина огромен предизвик како делегација, затоа што на сите мултиспортски случување, секогаш има некаков проблем, дали е тоа транспортот, сместувањето и слично. Но, ние направивме се во наша можност за нашите спортисти тоа да не го почувствуваат и да се грижат само за да остварат подобар резултат“, рече Спасеновски.

За успехот на македонските борачи зборуваше Могамед Ибрагимов, кој истакна дека четирите медали од борењето се потврда за квалитетот и континуираната работа во овој спорт.

„Четири медали во борење на едни Медитерански игри е огромен резултат. Тоа покажува дека имаме квалитетни борачи и дека работата што ја вложуваме дава резултати. Овие медали се мотив да продолжиме уште посериозно и да создадеме услови за уште поголеми успеси на следните големи натпреварувања“, истакна Ибрагимов.

ИЗДВОЕНИ