Протестите на студентите и граѓаните во Србија поради трагедијата во Нови Сад како последица на долгогодишната корупција ќе го изрази нивниот гнев во гласови на изборите, оценува во опширен извештај шпанскиот дневник „Ел Паис (El Pais)“.
Тој весник, слично како и уште некои шпански медиуми, наведува дека тоа се изнудени вонредни избори и напоменува дека „гласовите ќе ја покажат силината на гневот на студентите и граѓаните кои ги преплавија плоштадите“.
Мадридскиот весник го пренесува и предупредувањето на аналитичарите од Белград дека е можна „валкана предизборна кампања, многу неправилности, инциденти и епизоди на насилство“.
Затоа е многу важно, како што предочува Никола Буразер од Центарот за современа политика, „Европа да не го губи од вид она што ќе се случува во Србија во следните недели и со внимание да ги надгледува како кампањата, така и самиот изборен ден“.
Раша Недељков од организацијата ЦРТА смета, пренесува „Ел Паис“, дека „сега ситуацијата е поинаква – победникот не може однапред да се предвиди“, бидејќи анализите покажуваат дека студентската листа би можела да добие повеќе гласови од владејачката партија.
Сепак, тој напоменува дека бројот на гласови не мора да значи и изборна победа „бидејќи не е лесно да се победи режим кој Србија ја претвори во изборна автократија, во која само опозицијата ги губи изборите“.
Единствен став е, наведуваат белградските аналитичари, дека опозицијата, доколку сака да го смени од власт шефот на режимот Александар Вучиќ, мора да се фокусира на она каде што тој е најранлив – корупцијата, институциите на власта урнати исто како и демократијата и правната држава.
Мадридскиот дневник ги пренесува и предупредувањата на аналитичарите дека Вучиќ ги контролира сите лостови на власта, и тоа не само политичко-партиската машинерија, туку и структурата длабоко испреплетена со организираниот криминал.
„Паис“ напоменува дека меѓу политичките центри во Србија постои и недоумица дали на изборите ќе може да се надмине делумната распарчаност на опозицијата и на оние кои сакаат промена на режимот, имајќи предвид дека и студентите ја одбија секаква соработка со опозициските партии.
Директорката на порталот „Нова економија“ Билјана Степановиќ смета дека на некои „вистински слободни избори би победиле студентите“, пренесува „Ел Паис“.
„Студентите се добро организирани и беа способни да ја раздвижат јавноста како досега ниедна друга политичка опција“, укажува Степановиќ.
Но, заклучува мадридскиот дневник, директорката на „Нова економија“ става до знаење и дека „Вучиќ под никакви околности нема да го прифати резултатот од изборите, дури и ако доживее убедлив пораз“.












