EPA/ALESSANDRO DI MARCO

Американскиот тенисер Бен Шелтон успешно го почна својот настап на финалниот мастерс во Торино откако го победи Французинот Артур Фиес со 6:2, 3:6, 6:3, а присуството на неговиот нов тренер, Хуан Карлос Фереро, во ложата привлече особено внимание. Поранешниот тенисер број еден во светот и долгогодишен тренер на Карлос Алкарас почна соработка со Американецот и веќе на првиот натпревар во Торино имаше причина да биде задоволен. Шелтон победи благодарение на одличниот сервис, што му овозможи да ги контролира клучните моменти од натпреварот и успешно да одговори по губењето на вториот сет.

По натпреварот, тој зборуваше за почетокот на соработката со Фереро, кој ќе работи заедно со неговиот татко, Брајан, во неговиот тренерски штаб.

– Беше одлично што го имав покрај мојот татко. Двајцата се луѓе што се гладни за успех и полни со ентузијазам. Работевме многу во претходните денови, обидувајќи се да се подобриме секој ден – рече Шелтон.

Американецот е свесен дека ќе му треба време да се приспособи на новиот тренерски тим и дополнително да ја подобри својата игра.

– Сигурен сум дека ќе бидат задоволни од некои од работите што ги направив денес, а од некои нема. Ќе продолжиме да работиме и да напредуваме – рече Шелтон.

Доаѓањето на Ферер претставува значајна промена во кариерата на младиот Американец, кој сега ќе има можност да учи од експертот со кого Алкарас постигна некои од најголемите успеси во својата кариера.

ИЗДВОЕНИ