вторник, ноември 17, 2026
Дома СПОРТ Ќе ги барате шарлатанот и јогуртот, ама веќе е доцна

Ќе ги барате шарлатанот и јогуртот, ама веќе е доцна

247

За да добие јавноста реална слика за тоа во каква состојба е фудбалската репрезентација на Македонија, доволна е информацијата дека дерби-дуелот меѓу вечните ривали, МЗТ Скопје и КК Работнички, го следеа двојно повеќе гледачи од оние што присуствуваа на последниот натпревар од новото издание на Лигата на нациите, против селекцијата на Словенија.

Нешто повеќе од 2.000 симпатизери беа сведоци на новиот убедлив пораз од 3:0 со кој „црвено-жолтите“ ја продолжија серијата без победа, која трае околу една година.

Македонија го заврши циклусот на „совршен“ начин, шест натпревари, шест порази, 15 примени погодоци и само еден постигнат.

Откако седна на селекторското столче, Гоце Седлоски може да се „пофали“ дека неговите избраници запишале осум порази, два пати одиграле нерешено, примиле 23 гола и постигнале само еден.

И покрај ужасната статистика, предводникот на националниот тим сè уште не размислува за некаква оставка, напротив, голем дел од вината за хорор-изданието во Лигата на нациите повторно лоцираше кај фудбалерите, истите оние на кои им испраќа покана да играат за репрезентацијата.

– Се извинувам за овие мечеви. Многу време немаме победа. Разговаравме во соблекувалната. Мора да видиме. Ќе видиме. Да преспиеме. Што ќе биде понатаму, ќе видиме. За мене, мечевите што ги игравме дома беа без волја, без желба… Сè е кажано. Само едно се прашувам, зошто ги играме вака мечевите дома? Бездушно. Без разлика каква е тактиката, мораш сам да почувствуваш на терен што да правиш. Без трка, без желба, нема ништо. Им кажав да погледнат како го прави тоа Словенија – изјави Седлоски по дуелот со Словенија.

Најинтересно од сè е што челниците во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се обидоа на „оригинален“ начин да направат дефокусирање од сите проблеми, решавајќи да ја „освежат“ јавноста со неколку видеоклипови од пристигнувањето на првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин. Големиот пријател на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, приватно пристигна во Скопје и во живо гледаше како слави неговата репрезентација со убедливи 3:0.

Најдобро ќе биде сега ФФМ да направи уште еден видеоклип, сличен на оној од пречекот на Чеферин, во кој најпосле ќе слушнеме некаква изјава за последниот „успех“ на националниот тим од спортскиот директор на сите македонски фудбалски репрезентативни селекции, Горан Пандев, кој откако седна на жешкото столче, се прослави со изјавата дека сè уште најуспешниот селектор на Македонија, Игор Ангеловски, е шарлатан. А може и Омерагиќ да направи споредба дали имаат „успесите“ на Седлоски подолг рок на траење од јогурт или, пак, се со пократок во споредба со оние на Мрме, кој сега ја предводи селекцијата на Таџикистан и ќе игра во финалето на турнирот „Куп на кралот“, кој се игра на Тајланд.

Македонија, која од Палермо нема победа над некоја репрезентација што е под 100. место на ФИФА ранг-листата, ќе се бори за опстанок во Б-дивизијата, а можни противници ѝ се селекциите на Естонија, Молдавија, Фарските Острови и на Белорусија.

Ждрепката за бараж-дуелите ќе се одржи на 20 ноември, додека натпреварите се предвидени за периодот од 25 до 30 март 2027 година.

ИЗДВОЕНИ