Мексиканската претседателка Клаудија Шeјнбаум изјави во понеделник дека нејзината земја има целосно право да снабдува Куба со гориво, независно дали од хуманитарни или комерцијални причини.
Нејзините коментари дојдоа еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го олесни својот став за блокадата на испораките на нафта до карипскиот остров, објави Ројтерс.
„Мексиканската влада секогаш се стреми да обезбеди хуманитарна помош и ќе донесе одлука во тој контекст“, рече Шејнбаум на редовната прес-конференција, одговарајќи на прашање за можни испораки на гориво до Куба.
Таа не прецизираше кога би можела да се донесе таква одлука. Шејнбаум, исто така, рече дека приватните компании на Куба, вклучувајќи ги и хотелите, изразиле интерес за купување нафта од мексиканската државна енергетска компанија „Пемекс“.
Рускиот танкер „Анатолиј Колодкин“, кој носи хуманитарен товар од 100.000 тони нафта, пристигна во Куба и чека истовар во пристаништето Матанзас, соопшти денес руското Министерство за транспорт.
САД му дозволија на рускиот танкер за нафта да се приближи до Куба, а на крајбрежната стража на САД не ѝ е наредено да го пресретне бродот, иако има бродови во регионот способни за таква операција.
Со ова е избегната можна директна конфронтација со Русија во близина на брегот на САД.












