Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека ја поддржува одлуката на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ да го откаже самитот Брдо-Бриони во мај, бидејќи, како што истакна, нему таму не му е местото и дека е многу поважно за него да оди и да положи цвеќе во Јасеновац.
„Што се однесува до моето присуство на Бриони, целосно го поддржувам Зоран Милановиќ, тој е апсолутно во право, мене таму не ми е местото. Отсекогаш сум сакал да одам и да положам цвеќе во Јасеновац како претседател на Србија, а тоа отсекогаш ми било неспоредливо поважно, а на Бриони можам да одам само како дел од моите професионални обврски да ја слушнам и да разговарам со другата страна, бидејќи никогаш не сум бегал од дијалог“, изјави Вучиќ за Танјуг.
Тој одговараше на прашање за пораките од Загреб, поточно за изјавата на Милановиќ дека ќе го откаже собирот Брдо-Брони во мај, бидејќи не сакал тој, Вучиќ, да учествува на тој собир поради неговите изјави во претходниот период.
Милановиќ не мораше, вели Вучиќ, да го откаже целиот собир, туку можеше само да ги покани своите другари од Приштина, Тирана и каде што сакаше, бидејќи сигурно немаше да ја расипе и наруши таа идилична атмосфера.
„Што се однесува до изјавите и она на што се осврнува Зоран Милановиќ, јас не сум негов слуга и не сум Пленковиќ за да мисли дека ме експлоатира како што експлоатира некои од своите луѓе или некои други претставници на земји, исто како што не сум слуга ниту на Пленковиќ ниту на Грлиќ Радман кои ќе ми диктираат што ќе кажам, туку зборувам како слободен и либертаријански претседател на Србија и ја зборувам вистината“, рече Вучиќ.












