Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествуваше на семинар на Генералниот совет на Европскиот систем на централни банки, одржан во Европската централна банка во Франкфурт, на кој се разговараше за економските предизвици и за финансиската интеграција на земјите кандидатки за членство во Европската Унија.

Славески истакна дека макроекономската стабилност е основен предуслов за одржлив економски развој и за побрза конвергенција со ЕУ. Тој посочи дека ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс се клучни за создавање предвидливо деловно опкружување, додека долгорочната отпорност на економијата бара инвестиции, технолошка модернизација, иновации и зголемување на продуктивноста.

Акцентот беше ставен на модернизацијата на платните системи и на придобивките од приклучувањето на Македонија кон СЕПА. Според процените, заштедите од банкарските надоместоци во првата година ќе надминат пет милиони евра. Трансферот на 500 евра кон земјите од СЕПА е шестпати поевтин, додека трошоците за трансакции од 20.000 евра се намалени за деветпати.

Гувернерот ја истакна и регионалната иницијатива за воведување платформа за инстант плаќање, која ќе овозможи трансакции во реално време, 24 часа дневно. На семинарот учествуваше и вицегувернерката Арљинда Хасани-Синани, а се одржа и средба со членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне.

 

ИЗДВОЕНИ