Европската комисија очекува сите мерки што САД ќе ги воведат во однос на царините за стоки увезени од Европската унија, да се придржуваат до горната граница од 15 отсто. Ова денеска го изјави портпарол на Европската комисија, по предлогот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување нови царини за трговските партнери.
„Во согласност со Заедничката изјава, за стоките од ЕУ важи ограничување од 15 отсто. Очекуваме секоја мерка воведена како дел од истрагата целосно да го почитува овој лимит – дури и кога се комбинира со постоечките царини“, рече портпаролот, повикувајќи се на договорот постигнат минатата година меѓу ЕУ и САД, пренесува Ројтерс.
Портпаролот, исто така, изрази жалење од страна на Европската комисија поради отсуството на заедничко дејствување во однос на глобалното прекумерно производство во однос на побарувачката, додавајќи дека Комисијата категорично го отфрла ставот оти Европа е извор на каков било структурен вишок во производството.
Претходно денеска, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи нови царини за 14 трговски партнери – вклучувајќи ги Кина, Европската унија, Јапонија и Индија – како дел од истрагата за вишокот индустриски капацитети. Според Вашингтон, овој вишок капацитети ја нарушува конкуренцијата и претставува товар за американската економија. Новите царински мерки се засноваат на Дел 301 од Законот за трговија од 1974 година, кој ѝ овозможува на американската администрација да воведе дополнителни давачки како одговор на надворешно-трговски практики што се сметаат за нефер, дискриминаторски или штетни за трговијата на САД, пренесува CNBC.
Истрагата за вишокот производни капацитети опфаќа вкупно 16 економии, меѓу кои – покрај Кина и ЕУ – се и Јапонија и Индија.
Според еден висок американски функционер, овие економии создаваат, одржуваат или придонесуваат кон структурен вишок на производни капацитети во индустриските сектори, што врши притисок врз американските производители.
Вашингтон тврди дека ваквото прекумерно производство – често поддржано од државни субвенции – овозможува пласирање поевтини стоки на глобалните пазари и ја поткопува конкурентноста на американската индустрија.











