Екипата на Маџари приреди вистинска сензација во македонската кошаркарска Суперлига и како голем аутсајдер успеа да се пласира во финалето на плејофот, совладувајќи го ТФТ со 71:69 во драматичен натпревар што се решаваше во последните секунди.

Уште поголем подвиг за Маџари е фактот што тимот настапи без еден од своите најважни играчи, повредениот Грин, но и покрај тоа одигра меч полн со карактер, борбеност и огромна желба за победа.

Од самиот старт се водеше голема битка на паркетот. Двата тима постојано се менуваа во водство, а ниту еден не успеваше да се одлепи на посериозна разлика. Натпреварот наликуваше на вистинска кошаркарска „клацкалка“, а неизвесноста траеше до самиот крај.

Клучниот момент се случи во завршницата кога Маџари од резултат 65:65 успеа да направи серија и да поведе со 68-65, користејќи ги шансите во најважните моменти од натпреварот.

Следуваше вистинска драма од линијата за слободни фрлања. Ташовски прво намали на 68:67, но токму во финишот нервозата си го направи своето. Имаше промашувања и неколку лоши одлуки, а ТФТ не успеа да го реализира ниту последниот напад за евентуален пресврт.

Херој на Маџари беше Луис со 24 поени, додека кај ТФТ најефикасен беше Ташовски, исто така со 24 поени. Сепак, неговите промашувања во клучните моменти ќе останат еден од главните детали што го одбележаа поразот на фаворитот.

Со оваа победа Маџари испиша една од најголемите сензации сезонава и ќе игра во големото финале на плејофот.

ИЗДВОЕНИ