Главниот зоонегувател во скопската Зоолошка градина, Сашо Панчев истакна дека по физиономијата и по сите карактерни црти животното личи на волк, но оти допрва ќе се утврдува дали е чист волк или е мелез.

-Чекаме да дојде тим од Агенцијата за храна и ветеринарство за да се утврди за што точно станува збор. Има многу кучиња што имаат иста физиономија со волците, па затоа ќе се направат испитувања – вели Панчев

 

Сашо Панчев главен зоонегувател, кој лично го заловил волкот од Козле и безбедно го пренел во Зоолошката градина каде сега е сместен во карантинскиот дел за весникот ВЕЧЕР ја раскажа целата приказна околу синоќешното случување со волкот.

Како вработен во Зоолошката кој ракува со опремата за успивање на животни тој е 24/7 достапен за потребите на оваа установа.

Тој во 23:00 часот добил повик од Град Скопје дека на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ е пронајден волк.

-Граѓани пријавиле во Министерството за внатрешни работи, а пак оттаму во Градот од каде ми се јавија мене. Како стручно лице веднаш отидов во Зоолошката градина да ја земам опремата за успивање на животни и со комбето за транспорт отидов до местото каде што е волкот. Волкот имаше синџир околу вртот со кој полицијата го беше врзала за дрво, за да не побегне, што е доказ дека некој го чувал во домашни услови и најверојатно избегал од дома. Го успав животното, бидејќи тоа е најбезбедно и го сместив во комбето со кое го пренесов во Зоолошката градина. Сега тој е сместен во карантанскиот дел – раскажа Панчев.

Тој додава дека по физиономијата и по сите карактерни црти животното личи на волк, но оти допрва ќе се утврдува дали е чист волк или е мелез.

-Чекаме да дојде тим од Агенцијата за храна и ветеринарство за да се утврди за што точно станува збор. Има многу кучиња што имаат иста физиономија со волците, па затоа ќе се направат испитувања – вели Панчев.

Воедно, како што нагласи, на животното ќе му се направат сите прегледи за да се утврди неговата здравствена состојба.

Портпаролката во Зоолошката градина, Тина Мицковска на Фејсбук објави дека животното било токму пред нејзината зграда.

-Синоќа токму пред моја зграда во Козле спроти маркетот „Веро 2“, дојде како да барал спас… Избегал од некаде каде што несовесно се изживувале и чувале волк на ланец. Со каивче и синџир на себе, исплашен, дури и грицки јадеше кои му ги дадов – вели Мицковска, нагласувајќи дека животното било питомо и мирно.

Таа упати благодарност до целиот тим на МВР кој успешно интервенирал и помогнал во цела ситуација, односно го фатиле волкот безбедно, до Град Скопје кои биле вклучени во целиот процес на спасување и до нејзиниот колега Сашо Панчев кој успешно го заловил и пренел до Зоолошка.

Од Зоолошката градина апелираа и потсетија дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.

-Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување – предупредија од Зоолошката.

При тоа, укажаа, граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, тоа да го пријават до надлежните институции.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ