Фудбалската репрезентација на Панама остана без бодови на стартот од групната фаза на Светското првенство откако славеше Гана со драматичен гол во 95. минута. Иако поразот беше болен за тимот од Централна Америка, во неговите редови нема простор за разочарување.
Селекторот Томас Кристијансен истакна дека неговите избраници веќе се фокусирани на следниот предизвик и дека со оптимизам го очекуваат дуелот против Хрватска.
- Нашиот тим има квалитет и може да одигра добар натпревар против Хрватска. Свесни сме за нејзината сила, но никогаш не сме се плашеле од ниту еден противник, па нема да се плашиме ниту од неа – изјави Кристијансен.
Искусниот стратег, кој е роден во Данска, а пораснал во Шпанија, смета дека неговиот тим покажал карактер и покрај несреќниот пораз од Гана.
Според него, на ваквите турнири нема време за жалење и за анализирање на пропуштените можности, бидејќи секој следен натпревар носи нова шанса за поправен.
- Нема повеќе време за тагување. Ова е турнир од три натпревари, и првиот е веќе зад нас. Ако сакаме да останеме во игра, мора да постигнеме добар резултат против Хрватска – додаде селекторот.
Панама сега се подготвува за еден од најважните натпревари во групата, кој ќе се одигра на 24 јуни. Победа или позитивен резултат против Хрватска би можело значително да ги зголеми нивните шанси за пласман во следната фаза.
По дуелот со Хрватите, Панама на 27 јуни ќе ја затвори групната фаза со натпревар против Англија, уште еден силен ривал, кој важи за фаворит за турнирот.
И покрај тешката група, Панамците остануваат самоуверени и веруваат дека може да приредат изненадување на Светското првенство.











