Оваа година е на пат да стане една од четирите најтопли во историјата на мерењата, делумно поради силниот феномен „Ел Нињо“. Ова го продолжува трендот на затоплување што трае повеќе од една деценија, се наведува во извештајот објавен денеска од метеоролошка агенција на Обединетите нации.
Извештајот „Состојбата на климата“ на Светската метеоролошка организација – кој ќе послужи како основа за новата рунда меѓународни преговори за климата, COP31, што започнуваат денеска во Турција – наведува дека глобалната просечна температура од јануари до септември оваа година била за 1,47 степени Целзиусови повисока од просекот во прединдустрискиот период, пренесува Ројтерс.
Во извештајот понатаму се проценува дека температурите би можеле и понатаму да растат поради значителното влијание на „Ел Нињо“.
„Сите показатели овде ја раскажуваат истата приказна. Гледаме како топлината – заробена од стакленичките гасови – се акумулира во океаните и атмосферата, што доведува до топење на мразот и пораст на нивото на морињата“, изјави Џон Кенеди, раководител на одделот за климатски информации при оваа организација. Климатската служба „Коперник“ на Европската унија претходно објави дека е речиси сигурно оти оваа година ќе биде втората календарска година – по 2024 – во која ќе биде надминат прагот од 1,5 степени Целзиусови на пораст на просечната температура над прединдустриските нивоа, граница утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
Според извештајот на ОН, планетата акумулира сè поголеми количества топлина, при што температурите на океаните продолжуваат да растат оваа година, по историски високите вредности забележани во 2025 година.
Во извештајот исто така се заклучува дека глобалното просечно ниво на морињата оваа година достигна рекордно високо ниво, како резултат на топењето на глечерите и ледените покривки, како и на термичкото ширење на морската вода додека таа се загрева.












